Тесла Инк. се соочува со предизвици со своите роботакси возила во Остин, откако компанијата пријави повеќе од десетина сообраќајки во текот на осум месеци од стартот на услугата, покажуваат податоците доставени до американската Национална управа за безбедност во сообраќајот (NHTSA).

Роботакси сервисот на Тесла започна во јуни со околу дузина возила придружувани од човечки безбедносни оператори. Првиот инцидент се случил веќе во јули и првично бил пријавен како сообраќајка со материјална штета, но подоцна се утврдило дека имало и мали повреди и хоспитализација. Во јануари, компанијата известила за пет нови инциденти кои се случиле во декември и јануари, вклучувајќи судир на стопирано роботакси со автобус на градот Остин и удари во објекти на паркинзи.

По тестирањата во декември, Тесла почна да нуди возења без возач и без безбедносен оператор во „неколку“ возила од својот остински флот, но не е јасно дали пријавените инциденти вклучувале вакви автономни возила. Компанијата не открива детали за повеќето сообраќајки, при што поголемиот дел од пријавите ги наведуваат само материјалните штети.

Остин останува единствениот град каде што Тесла нуди роботакси услуги, додека сервисот во Сан Франциско и околината се одвива со човечки возачи и е повеќе сличен на Uber.

Главниот извршен директор Илон Маск ја постави автономијата и роботиката како клучни за иднината на компанијата, иако оперативното работење сè уште заостанува зад Waymo на Alphabet Inc., кој од 2020 година нуди автономни возења во Феникс и сега управува со околу 2.500 возила во повеќе американски градови.

Тесла најави дека планира проширување на услугата во уште седум градови до средината на годината, но не успеа да ги постигне предвидувањата за проширување на крајот на минатата година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *