Европа треба навреме да се подготви за поголема одговорност во светскиот финансиски систем, во услови кога доминантната улога на американскиот долар постепено слабее, а интересот за еврото расте. Ова го изјави австрискиот гувернер и член на Управниот совет на Европската централна банка, Мартин Кохер, нагласувајќи дека за таква улога е неопходно дополнително зајакнување на финансиската архитектура на еврозоната. Во интервју за Ројтерс, Кохер истакна дека веќе подолго време се забележува зголемена улога на еврото на меѓународните пазари. Според него, партнерите на Европа покажуваат сè поголем интерес за заедничката валута, што делумно објаснува и зошто еврото во изминатиот период се зајакна и почна да се перцепира како потенцијално „безбедно засолниште“ во време на глобална неизвесност. Традиционално, во услови на криза инвеститорите се насочуваат кон златото, швајцарскиот франк и американскиот долар. Сепак, во текот на изминатата година еврото зајакна за околу 14 проценти во однос на доларот, тренд што делумно се поврзува со нарушената доверба во САД поради честите промени во трговската политика. Истовремено, европските земји најавуваат зголемени инвестиции во одбраната и инфраструктурата, како и поголемо задолжување, што дополнително ја менува динамиката на глобалните финансиски текови. Иако доларот и понатаму доминира со околу половина од светските девизни резерви, неговиот удел постепено опаѓа во споредба со состојбата од пред една деценија. Еврото, пак, учествува со приближно 20 проценти. Според Кохер, глобалните прилагодувања би можеле да му дадат на еврото поистакната улога, особено ако се зацврсти неговиот статус како стабилна и сигурна валута. Тој додава дека иако тоа не е експлицитна цел на Европа, постои можност Унијата да биде принудена да преземе поголема одговорност на меѓународната сцена. Во тој контекст, во рамки на ЕЦБ се водат разговори за унапредување на инструментите за стабилизирање на глобалниот финансиски систем, вклучувајќи меѓународни репо аранжмани, своп линии и други механизми што овозможуваат поголема ликвидност и стабилност. Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, неодамна изјави дека силната меѓународна улога на една валута не мора автоматски да значи и нејзино зајакнување во однос на другите валути. Според неа, за една валута да биде долгорочно силна потребни се стабилни институции, правна сигурност и безбедна економска средина, услови што, како што истакна, еврозоната во голема мера ги исполнува. Лагард посочи и дека капацитетот за трговија со остатокот од светот е клучен фактор за јакнење на меѓународната улога на еврото, при што ги издвојува трговските договори на Европската унија со региони како Меркосур, Индија и Австралија. Дополнително, таа нагласи дека обезбедувањето ликвидност е еден од основните атрибути на силна валута, поради што ЕЦБ ја преиспитува и унапредува рамката за репо линии, со цел тие да станат пофлексибилни и попривлечни за централните банки надвор од еврозоната и Европа. Кохер заклучи дека овие подготовки се составен дел од мандатот на централната банка за зачувување на финансиската стабилност. Тој додаде дека сигналите од Вашингтон не укажуваат на промена во односот кон слабеењето на доларот и дека американската администрација не покажува посебна загриженост. Според австрискиот гувернер, тоа значи дека САД најверојатно нема да преземат контрамерки, што дополнително ја отвора можноста еврото постепено да добие позначајна улога во глобалниот финансиски систем. Post navigation Судска битка околу лековите за слабеење: „Ново Нордиск“ против „Химс енд Херс“ Пандора ја менува стратегијата за суровини: повеќе производи обложени со платина за да се намалат трошоците