Најголемиот светски трговец со накит, Пандора, која годишно користи повеќе од 300 тони сребро за своите производи, објави дека планира да го намали влијанието на нестабилните цени на суровините со поголема примена на платина во своите колекции. Иако платината е 26 пати поскапа од среброто по унца, компанијата ќе ја нанесува врз легури, што ќе овозможи да се произведуваат накитни парчиња по цена слична на сегашните сребрени производи, без да се зголеми крајната цена за потрошувачите. Цената на среброто во последните месеци беше многу променлива – по серија историски рекорди следеше нагло паѓање, но со цена од 80 американски долари за унца, сè уште е двојно повисока отколку пред една година. Среброто, како и златото, се смета за традиционално „безбедно засолниште“ на капиталот, особено во време на геополитички и економски неизвесности, што дополнително го отежнува работењето на компаниите кои зависат од овој метал. Пандора, која се позиционира како бренд на „прифатлив луксуз“, се соочи со предизвик поради скокот на цената на среброто и најави воведување нова линија на производи обложени со платина, со цел да се намали зависноста од среброто и да се задржи висококвалитетниот имиџ на накитот достапен за потрошувачите. Во рамките на оваа стратегија, компанијата планира во наредната година да замени барем половина од своите залихи од сребро со производи од обични метали обложени со платина. Иако цената на платината расте, нејзините флуктуации се помали во споредба со среброто, а во текот на оваа година достигна 2100 долари за унца, со раст од околу 3 проценти. Директорката на Пандора, Берта де Паблос-Барбие, изјави дека е ризично за компанија да зависи од еден вид суровина до таков степен и дека преминот кон платина ќе овозможи поголема стабилност во производството. Историчарката на накит Вивиен Бекер истакна дека платината има елитистички имиџ и дека луѓето ќе ја доживуваат како драгоцен метал, дури и ако основата е легура. Таа додаде дека потрошувачите покажуваат се поголем интерес за белите метали откако цените на златото се зголемија, а најавата на Пандора за воведување платина е и маркетинг стратегија која ќе привлече купувачи заинтересирани за полуксузни производи. Од компанијата велат дека нивните истражувања покажуваат дека платината е високо ценета од потрошувачите и се перципира како втор најскапоцен бел метал веднаш по белото злато. Пандора истакна дека послабата побарувачка, особено на американскиот пазар кон крајот на годината, влијаеше врз деловните резултати, но воведувањето на производи со платина претставува дел од долгорочната стратегија за одржување на висококвалитетен накит по прифатливи цени, со намалена зависност од нестабилните цени на среброто. Post navigation Европската унија се подготвува за глобално финансиско присуство на еврото во време на слабеење на доларот Франсоа Вилерој де Гало ја напушта Банката на Франција предвреме, со стратегиски момент за стабилност на пазарите