Еден од најбогатите германски бизнисмени, Рајнхолд Вирт, предупреди дека Германија се соочува со сериозен економски пад и постепена загуба на конкурентноста која со децении ја правеше водечка индустриска сила во Европа. Сопственикот на индустриската групација „Вирт“, чие богатство според „Форбс“ се проценува на речиси 28 милијарди долари, смета дека периодот на германскиот економски просперитет полека завршува.

Во авторски текст за „Еуроњуз“, Вирт оценува дека последните осум децении биле „златни години“ за Германија, обележани со стабилност, економски раст и висок животен стандард. Според него, токму долготрајниот комфор довел до промена на општествениот менталитет и намалување на амбицијата кај новите генерации.

Тој тврди дека германското општество сè повеќе се насочува кон удобен живот и сигурност, додека подготвеноста за преземање ризик, претприемништво и професионален напредок опаѓа. Вирт смета дека денешните генерации многу повеќе ја вреднуваат рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот отколку долгогодишната работна дисциплина по која Германија беше препознатлива.

Особено загрижувачка, според него, е состојбата во индустријата. Вирт предупредува дека високите трошоци за производство и растечките барања за повисоки плати ја намалуваат конкурентноста на германските компании на глобалниот пазар. Тој наведува дека производствените трошоци во некои земји од Европската Унија се и до 50 проценти пониски отколку во Германија, што ги става германските производители во неповолна позиција.

Бизнисменот предупредува и на процес на деиндустријализација, кој според него може дополнително да ја ослабне германската економија и да доведе до губење работни места. Според Вирт, германското општество ја губи отпорноста што ја имало по Втората светска војна и ќе биде потребен долг период за повторно зајакнување на економската и општествената стабилност.

Сепак, тој не е целосно песимистичен за иднината на земјата. Вирт гледа можност за нов развој преку инвестиции во информатичката технологија, електрониката и вештачката интелигенција. Според него, Германија мора да создава сопствени технолошки платформи и дигитална инфраструктура доколку сака да остане конкурентна во светот што брзо се менува.

Во своите ставови, Вирт повикува и на поголемо општествено единство и солидарност, потсетувајќи на периодот на обединувањето на Германија како момент на национална кохезија. Тој смета дека земјата денес има потреба од заедничка визија и економска мобилизација, наместо од сè почести конфликти околу работничките права и бенефиции.

Рајнхолд Вирт ја презеде семејната компанија на само 19 години, по смртта на неговиот татко, и од мал бизнис со двајца вработени изгради една од најголемите индустриски групации во Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *