Глобалниот долг достигна историски максимум и на крајот од март изнесуваше речиси 353 билиони долари, покажува најновиот извештај на Институтот за меѓународни финансии (IIF). Зголемувањето на задолжувањето продолжува петти квартал по ред, а најголем придонес за растот имаат Соединетите Американски Држави. Според податоците, светскиот долг во првите три месеци од годинава пораснал за повеќе од 4,4 билиони долари, што претставува најсилен квартален раст од средината на 2025 година. Главен двигател на ова зголемување е јавниот долг на САД, додека во Кина значително се зголемило задолжувањето на државните компании и корпоративниот сектор. Извештајот покажува и промена во расположението на инвеститорите. Од почетокот на годината расте интересот за јапонски и европски државни обврзници, додека побарувачката за американски обврзници останува стабилна. Аналитичарите оценуваат дека инвеститорите сè повеќе ги следат долгорочните фискални ризици и различните политики за задолжување на водечките економии. Од Институтот предупредуваат дека актуелните американски буџетски политики може дополнително да го зголемат уделот на долгот во однос на БДП во наредните години. Наспроти тоа, еврозоната и Јапонија се очекува да имаат поумерена динамика на задолжување, и покрај продолжената фискална поддршка на економијата. Во исто време, американскиот пазар на корпоративни обврзници продолжува да расте, поттикнат од големите инвестиции во технологии поврзани со вештачката интелигенција и силниот прилив на странски капитал. Кога ќе се исклучат САД и Кина, развиените економии бележат благо намалување на долгот, додека земјите во развој продолжуваат да се задолжуваат. Нивото на долг на пазарите во развој, без Кина, достигна рекордни 36,8 билиони долари, главно поради зголеменото државно задолжување. Светскиот долг во првиот квартал достигнал околу 305 проценти од глобалниот бруто-домашен производ, што е речиси непроменето ниво во споредба со претходните години. Најголем раст на односот долг-БДП е регистриран во Норвешка, Кувајт, Кина, Бахреин и Саудиска Арабија. Експертите предупредуваат дека структурните предизвици, како стареењето на населението, растечките трошоци за одбрана, енергетската безбедност, кибер-заштитата и инвестициите во вештачка интелигенција, ќе продолжат да го туркаат нагоре и државниот и корпоративниот долг во наредните години. Дополнителен притисок врз глобалните финансии создава и нестабилноста на Блискиот Исток, која според аналитичарите може уште повеќе да ги влоши долгорочните ризици. Post navigation Да се биде европски млад човек денес значи да се биде гласен, информиран и активен Германскиот милијардер Рајнхолд Вирт предупредува: „Златните години на Германија завршија“