Иран започна со ограничено враќање на интернет мрежата за дел од бизнисите и поединци, што претставува сигнал дека властите се обидуваат да ги ублажат економските последици од речиси целосното исклучување на интернетот што трае повеќе од шест недели, по почетокот на воениот конфликт со САД и Израел. Државно поддржаните телекомуникациски компании воведоа специјален „pro internet“ пакет, на кој фирмите можат да аплицираат за пристап, со што постепено се отвора ограничен канал кон надворешниот интернет простор. Според групата за дигитални права ASL19, ова довело до минимално зголемување на поврзаноста, што го потврдуваат и повеќе организации за следење на интернет сообраќај. Сепак, експертите предупредуваат дека не станува збор за вистинско враќање на интернетот. Според Алп Токер, основач на NetBlocks, забележливото зголемување на конективноста е многу мало и претставува дел од нов систем на строго контролирани пристапни точки, а не широка нормализација на интернет услугите. Иранските власти го исклучија интернетот кратко по почетокот на американско-израелските напади кон крајот на февруари, со што на поголемиот дел од населението му беше оневозможена комуникација со надворешниот свет. Претходно, слични рестрикции беа воведени и во јануари за време на антивладини протести. Тековниот прекин, кој трае веќе седум недели, се смета за најдолг национален интернет-блекаут во светот од периодот на Арапската пролет. Економските последици се значајни. Според проценки на ирански официјални лица, бизнисите губат меѓу 30 и 40 милиони долари дневно поради недостиг на интернет пристап, додека индиректните штети достигнуваат и до 80 милиони долари дневно. Во обид да се добие пристап, компаниите мора да поминат строг процес на проверка и да достават документација за потребата од конективност, а одобрените корисници добиваат пристап до ограничени услуги надвор од земјата, слично на систем на „бел список“. Според дигиталните организации ASL19 и Miaan Group, ваквиот пристап не е достапен за поголемиот дел од приватните лица, па најголемиот број од околу 90 милиони граѓани остануваат целосно исклучени од глобалната мрежа. Иако дел од корисниците пристапуваат до интернет преку Starlink, властите спроведуваат засилени мерки против продажбата на овие уреди, што укажува на продолжена контрола врз информацискиот простор. Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот модел на делумно, строго контролирано поврзување може да стане новата нормала, при што пристапот до интернет ќе зависи од социјален статус, професија и други критериуми. Post navigation Инвеститорите оптимисти по политичкиот пресврт во Унгарија и победата на Петер Маѓар Кога дизајнот на работниот простор станува клуч за раст на компанијата