Иако ChatGPT и понатаму останува најпознатиот и најкористен AI-четбот во светот, новите податоци покажуваат дека конкуренцијата сè поуспешно ја монетизира својата растечка база на корисници. Според најновото истражување на аналитичката компанија Sensor Tower, трката меѓу водечките AI платформи влегува во нова фаза во која не е пресуден само бројот на корисници, туку и приходот што секој поединечен корисник го генерира. ChatGPT, развиен од OpenAI, и натаму доминира по обем, со повеќе од една милијарда месечно активни корисници, што е постигнато во рекордно краток период од само три години по неговото лансирање во мобилните продавници. Сепак, неговото учество на пазарот првпат паднало под 50 проценти во март оваа година, во споредба со дури 81 процент во март 2024, што укажува на забрзано намалување на доминацијата. Најголем предизвик доаѓа од платформата Claude на Anthropic, која бележи силен раст во текот на 2026 година и воедно покажува поефикасна монетизација на својата корисничка база. Податоците покажуваат дека 13 проценти од корисниците на Claude на iOS плаќаат претплата, додека кај ChatGPT тој удел изнесува околу 8 проценти. Уште поважен индикатор е приходот по корисник, каде Claude остварува околу 2,76 долари, наспроти 1,74 долари кај OpenAI, што значи приближно 50 проценти повисока заработка по корисник. Иако ChatGPT останува водечки во поголемиот дел од светските пазари, со исклучок на одредени земји како Русија и Кина, Google Gemini е најбрзорастечкиот конкурент, особено на големите пазари како САД, Канада, Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Сепак, OpenAI сè уште има предност во задржувањето на корисниците, со стапка на задржување од 86 проценти, во споредба со 73,7 проценти кај Claude. Интересен пресврт на пазарот се случил и во март оваа година, кога OpenAI потпиша договор со американското Министерство за одбрана, по што дел од корисниците почнале да ја деинсталираат апликацијата. Податоците покажуваат дека бројот на деинсталации тогаш пораснал за 202 проценти над вообичаеното ниво, а најголем придобивка од тој тренд имал токму Claude, чиј пазарен удел речиси двојно се зголемил во краток период. Во меѓувреме, конкуренцијата меѓу AI компаниите сè повеќе се префрла и на ценовна војна. Google ја намали цената на својот Gemini AI пакет, додека OpenAI и Anthropic сè уште се натпреваруваат со различни модели на претплата и пристап до напредни функции. OpenAI, според извештаи, размислува и за дополнително намалување на цените со цел да ја зајакне својата конкурентност на пазарот. Дополнителен фактор што може да го промени балансот на силите е влезот на Apple во AI сегментот преку новиот Siri AI систем, кој дел од функциите ќе ги извршува директно на уредите, без дополнителни претплати. Тоа би можело значително да ја промени динамиката на пазарот и да ја зголеми конкуренцијата меѓу водечките AI платформи. Во вакви услови, иако ChatGPT останува лидер по обем, податоците сè појасно покажуваат дека пазарот на вештачка интелигенција се движи кон фаза во која профитабилноста по корисник и способноста за задржување претплатници стануваат клучни фактори за долгорочна доминација. Post navigation Peugeot го враќа GTi духот во електрична форма: Претставен новиот E-208 GTi со 280 коњски сили Швајцарскиот Цуг го надминува Монако: Секој осми жител е милионер