Денес православните верници го слават најголемиот христијански празник – Велигден, Христовото воскресение, денот кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите, победувајќи ја смртта и дарувајќи му надеж и спасение на човештвото.

Воскресението Христово е празник што ги обединува верата и традицијата, негувана од памтивек. Подготовките започнуваат уште на Велики Четврток, пред изгрејсонце, кога домаќинките со посебна посветеност ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца – симбол на животот, обновата и победата.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа и се практикувала уште во времето на светите апостоли – Христовите ученици и нивните наследници. За тоа сведочи Светото предание, кое ја зачувало оваа вера низ вековите. Велигденското јајце е старо колку и самото христијанство и црквата го прифатила како силен симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани започнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат за Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав:
„Христос воскресе!“
На што се одговара:
„Вистина воскресе!“

Со овој поздрав првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, а вториот ја потврдува, при што и двајцата ја исповедаат својата вера. Оваа света традиција се зачувала до ден-денес и верниците се поздравуваат на овој начин сè до Христовото вознесение – Спасовден.

Црвената боја на велигденските јајца носи длабока симболика. Таа ја претставува победата на животот над смртта, божјата сила и моќ, но и Христовата крв, која Исус Христос ја пролеал на крстот за спасението на луѓето. Така, бојата на јајцето нè потсетува на жртвата, љубовта и вечниот живот.

Според евангелските сведоштва, на Велики Четврток, на Тајната вечера, Исус Христос ја востановил светата тајна причест – Евхаристија, земајќи ги лебот и виното како симболи на своето тело и крв. Оваа света тајна е дадена за спасение на луѓето и претставува темел на христијанската вера.

Како што црвените јајца од Велики Четврток се најава за доаѓањето на Велигден, така и тогаш, на Тајната вечера, Христос јасно најавил дека ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносици, прва го започнала обичајот на подарување црвени јајца. По Христовото вознесение, таа го напуштила Ерусалим и тргнала да го проповеда Евангелието.

Во Рим, таа побарала средба со императорот Тивериј, на кого му подарила црвено јајце и го поздравила со зборовите: „Христос воскресе!“. Потоа му раскажала за Христовото учење, неговите добри дела и чудата што ги правел.

Следејќи го нејзиниот пример, христијаните ширум светот и денес си подаруваат црвени јајца и го споделуваат најрадосниот поздрав, кој ја носи суштината на празникот:

Христос воскресе – Вистина воскресе!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *