Телефоните на Huawei и Honor сè поинтензивно вршат притисок врз Apple, а најновите податоци покажуваат дека серијата iPhone 17 во 2026 година ќе се соочи со една од најсериозните конкуренции досега, особено на кинескиот пазар.

Според информации објавени од изворот SmartChipInsider, првите шест недели од 2026 година донеле јасни сигнали за засилена пазарна битка. Пет модели успеале да надминат повеќе од еден милион испорачани единици во Кина, а листата ја сочинуваат уреди од само три бренда – Apple, Huawei и Honor. Иако Apple ги зазема првите три позиции, кинеските производители веќе се позиционираат веднаш зад нив.

Најпродаван модел е iPhone 17 Pro Max, кој како поединечен уред ја преминал границата од еден милион испораки. По него следуваат iPhone 17 и iPhone 17 Pro. Новиот дизајн и техничките подобрувања овозможија силен старт на продажбата, но јасно е дека пазарната предност повеќе не е недопирлива.

Во групата на најпродавани се најдоа и Huawei Mate 80 и Honor X70. Mate 80 привлече внимание со агресивно позиционирана цена во однос на понудените спецификации, вклучувајќи го и Kirin 9020 5G чипот, кој носи значително подобрување во перформансите во однос на претходната генерација. Со премиум елементи во дизајнот и конкурентна цена, моделот директно им се спротивставува на уредите од повисоката класа на Apple.

Honor X70, пак, покажува дека дел од купувачите сè повеќе се ориентираат кон практичност и автономија. Со батерија од 8300 mAh, овој модел нуди издржливост што ги надминува дури и некои понови и поскапи уреди од истата марка. Иако е присутен на пазарот од 2025 година, уредот и понатаму одржува солидна побарувачка.

Иако станува збор за податоци од самиот почеток на годината, трендот укажува на тоа дека серијата iPhone 17 повеќе не настапува без сериозен притисок, барем во Кина. Комбинацијата од конкурентни цени, солидни перформанси и фокус на карактеристики што им се важни на потрошувачите им овозможува на Huawei и Honor постепено да ја намалуваат предноста на Apple на еден од неговите клучни пазари, пренесува HC Newsroom.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *