Цените на нафтата останаа стабилни откако САД и Иран соопштија дека разговорите за нуклеарната програма на членката на ОПЕК напредуваат и дека се постигнува заедничка основа за можен договор.

Глобалниот репер „брент“ се задржа над 67 долари за барел, по пад од речиси два проценти претходниот ден, додека американската нафта WTI се движеше околу 62 долари за барел. Техеран соопшти дека е постигнат „општ договор“ со Вашингтон за рамката на потенцијален договор, а американски претставници најавија дека иранските преговарачи ќе се вратат во Женева за две недели со нов предлог.

Цените на суровата нафта годинава растат, бидејќи геополитичките ризици – особено тензиите околу Иран – ја надминуваат загриженоста за можен глобален вишок на понуда. Политичката нестабилност во земјата, засилена со антивладини протести на почетокот на годината, дополнително ја зголеми загриженоста кај трговците дека би можеле да бидат нарушени производството или клучните транспортни рути, како што е Ормурскиот Теснец.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека разговорите се одвиваат позитивно, но дека Техеран сè уште не ги признал „црвените линии“ на претседателот Доналд Трамп.

И покрај дипломатските сигнали за напредок, во регионот продолжуваат воените активности. Иран привремено затвори дел од Ормускиот теснец поради воени вежби, додека САД распоредија втор носач на авиони, што покажува дека тензиите не се намалуваат целосно.

Во меѓувреме, инвеститорите внимателно ги следат и разговорите меѓу Украина и Русија кои исто така се одржуваат во Женева. Секое можно решение на конфликтот би можело да доведе до ублажување на санкциите и зголемување на глобалната понуда на нафта.

Трговијата на азиските пазари беше послаба од вообичаено поради празниците за Лунарната нова година, при што дел од најважните трговски центри, како Сингапур и Кина најголемиот светски увозник на нафта – работеа со намален обем.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *