Компанијата OpenAI најави дека ќе започне со тестирање реклами на платформата ChatGPT, кои ќе им се прикажуваат на корисниците во Соединетите Американски Држави што ја користат бесплатната верзија или новиот план Go, со цена од осум долари месечно.

Од компанијата уверуваат дека рекламите нема да влијаат врз одговорите на ChatGPT, ниту ќе ја нарушат доверливоста на разговорите. Според нив, целта е да се обезбеди поширок пристап до напредните функции на алатката, а истовремено да се одржи довербата на корисниците.

Во тест фазата, рекламите биле поврзани со интересите и темите што ги пребаруваат корисниците. Така, оние што бараат рецепти можеле да видат понуди за достава на намирници или комплети за подготовка на оброци.

OpenAI нагласува дека реклами нема да се прикажуваат на лица под 18 години, ниту пак ќе се појавуваат во разговори поврзани со чувствителни теми како здравје, политика или ментално здравје. Корисниците ќе имаат можност да ја контролираат персонализацијата, да ја избришат историјата на интеракции со реклами и да дадат повратни информации.

Иницијативата веќе предизвика реакции во технолошката индустрија. Конкурентската компанија Anthropic дури објави и реклама за „Супербоул“ во која индиректно ги критикува ваквите практики, прикажувајќи актери во улога на ботови со вештачка интелигенција и предупредувајќи дека лошо интегрираните реклами можат да бидат наметливи.

Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, возврати со остри зборови, нарекувајќи ја Anthropic „авторитарна компанија“ и оценувајќи ја нивната кампања како „нечесна“.

Со овој потег, OpenAI влегува во нова фаза од монетизацијата на вештачката интелигенција, обидувајќи се да балансира меѓу профитабилноста и корисничкото искуство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *