Еуфоријата околу програмата за вештачка интелигенција OpenClaw предизвика експлозивен раст на акциите на Raspberry Pi Holdings Plc, британската компанија позната по своите едноставни и достапни персонални компјутери. Акциите скокнаа за дури 43 проценти во текот на тргувањето во вторникот, што е најголем дневен раст од иницијалната јавна понуда во јуни 2024 година. Со тоа, вкупниот раст надмина 50 проценти во однос на рекордното дно достигнато пред само две недели, а пазарната вредност на компанијата се искачи на околу 800 милиони фунти, односно 1,1 милијарда долари. Според трговци на пазарот, импулсот дошол по објава на социјалните мрежи во која се наведува дека АИ-агенти како OpenClaw би можеле да ја зголемат побарувачката за таканаречените „single-board“ компјутери на Raspberry Pi. Објавата на платформата X привлекла повеќе од 200.000 прегледи. Од компанијата соопштија дека немаат дополнителни информации надвор од веќе јавно достапните. Фонд-менаџерот Адам Монтанаро од Montanaro Asset Management оценува дека вниманието на социјалните мрежи укажува на потенцијалот Raspberry Pi да прерасне од хоби-платформа во клучна инфраструктура за локална обработка на АИ-алгоритми. Иако краткорочните прогнози за раст можеби се претерано оптимистички, трендот на трансформација кон поширока примена во АИ-екосистемот е реален, смета тој. OpenClaw, претходно познат како Clawdbot и Moltbot, стекна култен статус по лансирањето во ноември, благодарение на можноста автономно да управува со задачи како расчистување електронска пошта, резервации во ресторани и пријавување за летови. Иако алатката може да се користи на десктоп компјутери и во облак, безбедносни експерти предупредуваат дека ваквите алгоритми носат ризици. Поради тоа, дел од технолошките ентузијасти претпочитаат да ја извршуваат на одвоени уреди, како што се Apple Inc. Mac Mini или Raspberry Pi. И покрај најновиот раст, акциите на компанијата и понатаму се околу 46 проценти под врвот достигнат во 2025 година, поради загриженост дека зголемените трошоци за мемориски чипови ќе го намалат профитот. Во изминатите месеци е забележано и зголемување на кратките позиции, при што позајмените акции достигнале околу 8 проценти од слободниот промет, според податоци на S&P Global Market Intelligence. Дополнителен позитивен сигнал за инвеститорите е фактот што основачот и извршен директор Ебен Аптон од крајот на јануари наваму во неколку наврати купувал акции од компанијата, што често се толкува како израз на доверба во идниот развој. Post navigation Палантир се пресели во Мајами во потрага по поволна деловна клима САД и Јапонија ги открија првите проекти од фондот тежок 550 милијарди долари