Европската комисија донесе нов пакет мерки со кои се става крај на праксата на уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се намали притисокот врз животната средина и да се поттикне повторната употреба и рециклирањето во текстилниот сектор. Од Брисел порачуваат дека станува збор за уште еден значаен чекор кон развој на циркуларна економија во рамки на Европската Унија. Според новите правила, забраната за уништување на непродадени текстилни производи ќе почне да важи за големите компании од 19 јули годинава, додека средните компании ќе имаат подолг преоден период и ќе мора да се усогласат со регулативата до 2030 година. Истовремено, обврската за транспарентно известување за непродадената облека што се третира како отпад, која досега важеше само за големите компании, ќе се прошири и на средните претпријатија во истата временска рамка. Податоците со кои располага Европската комисија покажуваат дека секоја година во Европа се уништуваат меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи, уште пред тие воопшто да стигнат до потрошувачите. Последиците од ваквата пракса се значајни, бидејќи се проценува дека отпадот од текстил генерира околу 5,6 милиони тони јаглерод диоксид годишно, количина што е речиси рамна на вкупните нето емисии на Шведска во 2021 година. Овие мерки се дел од Регулативата за екодизајн на одржливи производи, која стапи на сила во јули 2024 година и има за цел да го подобри начинот на кој производите се дизајнираат, користат и третираат по завршувањето на нивниот животен циклус. Фокусот е ставен на зголемување на издржливоста, подобрување на можностите за рециклирање, подобри енергетски перформанси и поголема циркуларност на производите што се пласираат на европскиот пазар. Со регулативата се бара од компаниите јавно да објавуваат податоци за количините непродадени потрошувачки производи што ги отстрануваат како отпад, а истовремено се воведува и директна забрана за уништување на непродадена облека, додатоци за облека и обувки. Европската комисија оценува дека овие чекори ќе придонесат не само за намалување на отпадот, туку и за промена на деловните модели во текстилната индустрија, насочувајќи ги компаниите кон поодржливи и поодговорни практики. Post navigation Судење што може да го смени технолошкиот сектор: Мета и Јутјуб обвинети за штета врз младите Пекинг со јасен сигнал: помалку американски обврзници во банкарските портфолија