Современиот начин на живот сè повеќе нè врзува за работното биро, компјутерот и мобилниот телефон, а последиците од долгото седење честопати ги забележуваме дури кога ќе се појават првите болки. Осум или повеќе часа поминати во седечка положба, недоволната физичка активност и секојдневниот стрес постепено стануваат сериозен предизвик за здравјето на луѓето. Болките во вратот, рамената и грбот веќе не се проблем само на повозрасните, туку сè почесто се јавуваат и кај младите, кои голем дел од денот го поминуваат пред екраните. Но, колку навистина му штети долгото седење на човечкото тело, дали правилната положба е доволна за да се заштитиме и кога обичната болка станува предупредување дека е потребна стручна помош? За овие прашања, но и за значењето на физичката активност, превенцијата и навременото препознавање на здравствените проблеми, разговаравме со физиотерапевтот Илија Жежов. Во интервјуто за „24 Поглед“, тој објаснува со какви последици се соочуваат луѓето поради современите работни навики, зошто проблемите со ‘рбетот се јавуваат на сè помлада возраст и кои секојдневни промени можат да придонесат за подобро здравје. Денес голем број луѓе поминуваат по осум или повеќе часа дневно седејќи пред компјутер. Од физиотерапевтска гледна точка, што навистина му се случува на човечкото тело кога со години работиме во ваква положба и кои делови од телото најмногу страдаат? Работните обврски, брзото темпо на живот и стресот придонесуваат за појава на многубројни дегенеративни мускулно-скелетни состојби кај луѓето. Исто така, би кажал дека се јавуваат низа здравствени проблеми, како што се спондилоза, ишијас, дископатија и други состојби. Затоа, времето за себе е време кое ќе си го посветите за да си обезбедите добар тренинг преку физичка активност, која ќе ви помогне одлично да го прилагодите телото физички, да го смирите стресот и да си обезбедите години полни со здравје. Затоа, не ја одложувајте физичката активност со изговорот дека ќе почнете да вежбате секој понеделник, туку почнете веднаш, сега, и обезбедете си мир, релаксација и активност на духот, душата и телото. Болките во вратот, рамената и долниот дел од грбот станаа речиси секојдневие за канцелариските работници. Дали овие проблеми најчесто се последица на неправилно седење или поголем проблем претставува самото долго задржување во иста положба, дури и кога седиме правилно? Како што кажав, токму слабата физичка активност, големиот број работни задачи, оптоварувањето и стресот се главни причинители за сите овие здравствени состојби. Фактот дека работата трае повеќе од осум часа говори дека таа придонесува за појавата на овие состојби. Телото се бори со стресот, се создава мускулна контракција која предизвикува напнатост во самите мускули, а подоцна може да влијае и врз појавата на дегенеративни состојби, преку кои се јавуваат посериозни дијагнози кај луѓето. Затоа, добро е телото да биде физички активно три до четири пати неделно, помалку да бидеме изложени и чувствителни на стресот и, секако, преку самото вежбање да го намалуваме стресот и да постигнеме смиреност. Доколку посериозно не ја сфатиме потребата да бидеме физички активни и да го намалуваме стресот, ќе треба сериозно да размислиме за тоа дека подоцна може да се соочиме со многу повеќе од спондилоза, дископатија или друга здравствена состојба. Сè почесто и млади луѓе во своите дваесетти и триесетти години се жалат на болки во грбот, вкочанетост и проблеми со ‘рбетот. Дали во Вашата практика забележувате ваков тренд и дали современиот начин на работа придонесува овие проблеми да се појавуваат на сè помлада возраст? Токму така, слабата физичка активност е голем проблем. Мобилната телефонија и интернетот си го направија своето, а за едуцираноста и елоквентноста кај младите да не зборуваме. Наместо корисни информации или спорт, младите поминуваат повеќе од четири до пет часа на социјалните мрежи, следејќи информации што немаат никакво ефективно и позитивно влијание врз нив. Поради самите положби и лошото држење на телото, се јавуваат и состојби како сколиоза, кифоза и други проблеми, кои, за жал, бараат посериозен физикален, а понекогаш и хируршки третман. Затоа, родителите треба малку посериозно да се запрашаат каков спорт треба да практикуваат нивните деца, да ги поттикнуваат повеќе на физичка активност и, секако, на редовни превентивни прегледи кај лекар или физиотерапевт. Доколку се појави каква било здравствена состојба, таа треба навреме да се третира со наша стручна помош. Многумина ги игнорираат првите болки, сметајќи дека станува збор за обичен замор по напорен работен ден. Кои симптоми не треба да се потценуваат и како човек може да препознае дека неговото тело веќе има потреба од стручна помош, а не само од краток одмор? Најчесто секоја болка се третира со медикаментозна терапија, но луѓето понекогаш знаат да поминат и без таблети. Но, еве да кажам дека кај посериозни состојби медикаментозната терапија не треба да се изоставува кога е препорачана од лекар, бидејќи има смирувачко дејство и помага во ублажувањето на болката. Доколку станува збор за болка која трае и не исчезнува три-четири дена, па и цела седмица, треба да се побара стручна помош од лекар или физиотерапевт. Секако, по самиот преглед ќе се утврди за што конкретно станува збор и ќе се преземат следните чекори кон понатамошно лекување на состојбата кај пациентот или пациентката. Дали скапите ергономски столчиња, специјалните работни маси и правилната поставеност на мониторот навистина можат да направат голема разлика? Што би им препорачале на луѓето кои немаат идеални услови за работа, но секојдневно поминуваат многу часови зад биро? Секогаш треба да се има приспособлива столица за седење. Пред сè, таа треба да биде удобна, мека и не премногу тврда за самиот ‘рбет. На секои 45 минути до еден час препорачливо е да се станува од работното место. Немојте да седите повеќе од еден час без прекин, бидејќи токму тогаш може да се појават посериозна мускулна напнатост и вкочанетост. Редовно бидете активни и почесто станувајте. Често слушаме препораки дека на секои 30 или 60 минути треба да станеме и да се раздвижиме. Колку навистина помагаат ваквите кратки паузи и кои едноставни вежби или движења би можеле да ги правиме дури и во канцеларија, без посебна опрема? Искрено, да бидам јасен, работата нема секогаш да ни дозволи да вежбаме за време на работното време, ниту, пак, секогаш ќе го сториме тоа. Тренингот што ќе го практикуваме во нашето слободно време е токму оној што ќе биде ефективен за нашето тело. Затоа треба да се прават кратки паузи со почесто станување, бидејќи ваквите паузи помагаат да се спречат мускулните грчеви и спазматичните вкочанувања. Препорачувам и редовно земање магнезиум навечер, по една таблета, доколку тоа е соодветно за здравствената состојба на лицето. Не треба да се појави проблем или болка за да се посети физиотерапевт. Убаво и корисно за телото е еднаш на две недели да се направи медицинска масажа во времетраење од 60 минути. Масажата обезбедува добра релаксација, ја подобрува циркулацијата и, секако, дава чувство на опуштеност и смирување на стресот. Освен ординираната масажа од страна на физиотерапевтот, се следат и дегенеративните процеси или други појави и состојби, кои со помош на физикалната терапија можат навреме да се третираат. За крај, што би им порачале на луѓето кои моментално немаат никакви болки и сметаат дека долгото седење не им штети? Дали последиците можат да се почувствуваат дури по неколку години и кои три навики би требало секој канцелариски работник да ги промени уште денес? Секако, тоа што го правите денес или утре може да го почувствувате по неколку месеци или по неколку години. Телото памети сè. Затоа велам, избегнувајте стресни ситуации, гледајте повеќе да бидете опкружени со позитивни настани и бидете физички активни, вежбајте, бидејќи токму со вежбањето овозможувате смирување на телото, духот и душата. И не заборавајте дека токму стресот е една од најголемите причини за низа здравствени проблеми. Ако не најдете начин како да го намалите и да се ослободите од него, подоцна ќе мора да се соочите со повеќе ризик-фактори што следуваат со промените. Навигација на напис Рекордна дивиденда во Македонија: Еден граѓанин добил 4,1 милион евра Грција вложи 59 милиони евра во суперкомпјутер: Малите компании и стартапите ќе можат бесплатно да го користат