Експанзијата на вештачката интелигенција и забрзаната изградба на центри за податоци во САД отвораат ново големо прашање – како да се обезбеди доволно електрична енергија за инфраструктурата што стои зад овие технологии. За да одговорат на растечката побарувачка, во САД до 2030 година ќе бидат потребни инвестиции од околу 110 милијарди долари во нови производни капацитети, проценува „Moody’s Ratings“. Анализата покажува дека би требало да се изградат околу 45 гигавати нов капацитет за производство на електрична енергија. Најголем дел од планираниот капацитет би требало да дојде од електроцентрали на природен гас. Според проценките, повеќе од 30 гигавати би биле обезбедени преку вакви централи, што би барало околу 113 милиони кубни метри природен гас. Дел од преостанатата електрична енергија би се произведувал од соларни централи, во комбинација со стационарни батериски системи кои ќе овозможуваат складирање на произведената енергија. Нуклеарната енергија, и покрај напорите за повторно активирање на дел од постојните капацитети, би имала релативно мал удел, односно помалку од пет проценти од новопланираното производство. За споредба, еден гигават производен капацитет приближно одговара на моќноста на еден традиционален нуклеарен реактор. Проекциите се темелат на проценките на Меѓународната агенција за енергија, според кои американските центри за податоци во 2030 година би можеле да потрошат околу 426 терават-часови електрична енергија. Тоа би значело дека нивниот удел во вкупната потрошувачка на струја во САД ќе достигне околу 10 проценти, што е приближно двојно повеќе во споредба со 2025 година. Главниот двигател на оваа експлозија на потрошувачката се вештачката интелигенција и облачните услуги. За нивното функционирање се потребни огромни центри за податоци опремени со моќни процесори, сервери и системи за ладење, а сите тие непрекинато бараат електрична енергија. Со оглед на тоа што развојот на вештачката интелигенција е поставен како еден од националните приоритети на американската администрација, големите технолошки компании продолжуваат со масовни инвестиции во компјутерска инфраструктура. Но, зад технолошкиот напредок се појавуваат и сериозни економски и еколошки прашања. Една од најголемите дилеми е кој на крајот ќе ја плати сметката за дополнителната електрична инфраструктура. Во делови од САД веќе постои загриженост дека трошоците поврзани со изградбата на нови електроцентрали и мрежна инфраструктура би можеле индиректно да се префрлат врз домаќинствата и малите и средните бизниси преку повисоки сметки за струја. Според анализата на „Moody’s“, изградбата на новите производни капацитети би можела да доведе до дополнителни годишни трошоци од околу 25 до 30 милијарди долари за електричната енергија во САД. Сè уште не е јасно во колкава мера овие трошоци би биле покриени од технолошките компании, а колкав дел би паднал врз останатите корисници. Центрите за податоци, сепак, директно би учествувале во финансирањето на дел од потребната инфраструктура. Проценките покажуваат дека тие би можеле да покријат до 15 милијарди долари од трошоците преку изградба или финансирање на електроцентрали во рамките на сопствените кампуси. Таквите проекти би претставувале околу 30 проценти од вкупниот нов производен капацитет планиран во САД до 2030 година. Покрај финансискиот товар, брзото ширење на центрите за податоци отвора и прашања поврзани со животната средина. Електроцентралите на природен гас можат да придонесат за зголемување на емисиите, додека самите центри за податоци бараат значителни количества вода за ладење на опремата. Така, трката за развој на вештачката интелигенција во САД постепено се претвора и во трка за обезбедување доволно енергија. Доколку прогнозите се остварат, во следните неколку години земјата ќе мора да изгради значителен број нови производни капацитети за да може да го поддржи растот на технологиите што сè повеќе го обликуваат економијата. Колку од оваа сметка ќе ја преземат технолошките компании, а колку ќе биде распределено меѓу останатите потрошувачи, ќе биде едно од клучните прашања во американската енергетска политика во годините што следуваат. Навигација на напис „За тие пари не работам“: Младите ги менуваат правилата на македонскиот пазар на труд Луксузниот гигант тоне: LVMH изгуби над 55 отсто од вредноста за само три години