Во срцето на Париз, градот што со децении го симболизира естетиката, стилот и етичката мода, оваа недела се подготвува историско, но контроверзно отворање – првата постојана продавница на азискиот гигант за брза мода „Шеин“. Компанијата, основана во Кина во 2012 година и денес со седиште во Сингапур, се стекна со глобална популарност преку интернет-продажба, таргетирајќи млади купувачи кои бараат брзи модни трендови по ниски цени. Но, нејзиниот успех е постојано засенет од критики за експлоатација на работници, загадување и „мода за еднократна употреба“, што го прави нејзиното доаѓање во Париз не само деловен потег, туку и симболична провокација против традицијата на француската модна сцена. Продавницата ќе се отвори на шестиот кат од историската стоковна куќа BHV Marais, спроти градското собрание на Париз, дел од групацијата „Сосиете де Гранд Магасинс“ (SGM). BHV со децении е позната по својата француска традиција и соработка со локални дизајнери, што го направи просторот центар на контроверзии уште пред официјалното отворање. Француското Министерство за мали бизниси го осуди потегот, нарекувајќи го „лош сигнал“, додека етички модни брендови и локални производители реагираа со повлекување на своите производи од BHV. Дури и Дизниленд Париз го откажа планираниот божиќен излог и поп-ап продавницата, наведувајќи дека „веќе не постојат услови за мирно одржување на празничните активности“. Негодувањето не застана тука. Вработените во BHV организираа штрајкови и протести на улиците, а локалните власти и сенатори го нарекоа отворањето „вистинска провокација“. Новиот француски закон за ограничување на ултрабрзата мода само ја зајакна напнатоста, додека Министерството за финансии се закани со можна забрана на компанијата поради спорни производи што претходно биле достапни на нејзината веб-страница. И покрај сите критики и казни – кои во 2025 година изнесуваа вкупно 191 милион евра – SGM останува непоколеблива и најавува отворање на уште пет продавници низ Франција, во Дижон, Ремс, Гренобл, Анже и Лимож. Иако „Шеин“ тврди дека неговото присуство ќе ја „оживее трговијата на главните улици“ и ќе привлече млади потрошувачи, критичарите стравуваат дека ова е симболичен пораз за традиционалната модна етика на Париз, град кој се гордее со квалитет, одржливост и одговорност. Улиците под фасадите со брендирани транспаренти веќе личат на сцена од идеолошки судир – помеѓу глобалната, евтина и брза потрошувачка и традиционалната визија за мода, изграденa на занает, креативност и етичка одговорност. Со ова отворање, Париз се наоѓа на пресвртница: дали ќе ја сочува својата модна душа или ќе се отстапи кон комерцијалниот притисок на глобалната брза мода? Post navigation Македонскиот гигант Ветекс се потврдува на странските пазари со 4,47 милиони евра извоз Берзата е психолошка игра, не рулет: Мартин Трајчевски за младите што инвестираат со глава, а не со емоции“