Охрид има нешто што многу туристички места можат само да го посакуваат – уникатно езеро, илјадници години историја, културно наследство, стара архитектура, цркви, традиција и препознатлив амбиент. Наместо сето тоа да го претвориме во силен и препознатлив туристички производ, ние упорно го сведуваме туристичкото искуство на гласна музика, евтина забава и репертоар кој нема речиси никаква врска со духот и идентитетот на Охрид. Најстрашно е што ова веќе не изгледа како исклучок, туку како правило: каде и да поминете низ градот, од кафулиња, ресторани, плажи и локали, од сите страни се меша истата звучна матрица, најчесто турбо-фолк, како Охрид да нема ништо свое да понуди. Погледнете како тоа го прават туристичките места во соседството. На хрватското приморје, далматинската клапа не е само музички жанр, туку дел од туристичкиот идентитет. Таа создава атмосфера која веднаш кажува каде се наоѓате. Во грчките таверни ќе слушнете ребетико и лаико, со карактеристичниот звук на бузуки, и токму преку музиката туристот добива чувство дека е во Грција, а не во некој случаен локал на Балканот. Истовремено, во модерните локали каде што се собираат младите нормално е да се слуша R&B, поп, електронска, денс и друга современа светска музика. Значи, има простор и за традицијата и за модерното, но има и нешто што е најважно – постои чувство дека туристичката понуда е осмислена. А што правиме ние во Охрид? Наместо да изградиме препознатлива музичка атмосфера која ќе го надополни она што градот веќе го има, дозволуваме од сите страни да трешти турбо-фолк. Кафуле, ресторан, плажа, ноќен локал – сè почесто впечатокот е ист. Не станува збор за тоа дали некој сака или не сака одреден музички жанр. Нека има и турбо-фолк, ако има публика за него. Проблемот е кога една музичка матрица станува доминантна до таа мера што почнува да го дефинира целиот јавен простор и туристичкиот амбиент на градот. Тогаш веќе не зборуваме само за музички вкус, туку за тоа каква слика му испраќаме на туристот за Охрид. Туризмот не е само полн хотел, полна плажа и што поголем промет во текот на сезоната. Туризмот е искуство, атмосфера и приказна. Туристот не доаѓа во Охрид за да слуша исто она што може да го слуша во десетици други градови и туристички места. Тој доаѓа за да почувствува нешто карактеристично за местото. Ако Хрватска знае да ја претвори клапската музика во дел од својата туристичка приказна, ако Грција знае да го препознае ребетикото, лаикото и звукот на бузуки како дел од амбиентот, тогаш зошто ние не можеме да создадеме современа охридска и македонска музичка атмосфера која ќе ја почитува традицијата, но ќе биде привлечна и за денешниот турист? Наместо Охрид да биде град во кој ќе можете да слушнете различни стилови – од традиционална македонска музика во современа интерпретација, преку акустични настапи, џез, world music и лаунџ, па сè до R&B, поп и квалитетна електронска музика – ние често се натпреваруваме кој локал ќе пушти погласен звучник. И потоа се чудиме зошто немаме доволно развиена туристичка понуда, зошто туристите не остануваат подолго и зошто Охрид не успева да се позиционира како модерна европска туристичка дестинација. Не може целата стратегија да се сведе на тоа да се наполнат локалите во јули и август. Мора да размислуваме што му останува во сеќавање на човекот кој го посетил градот. Охрид има потенцијал да биде многу повеќе од место каде што се доаѓа на плажа и ноќна забава. Може да биде град во кој културата, традицијата, современата музика, гастрономијата, езерото, архитектурата и ноќниот живот ќе се надополнуваат наместо да си противречат. Но за тоа е потребна визија, а не само желба за што поголема гласност. Потребно е локалите, организаторите, институциите и самите граѓани да разберат дека секој детал од туристичката понуда создава слика за градот. А музиката, особено во туристички град, е еден од најсилните начини да се создаде атмосфера и препознатлив идентитет. Затоа прашањето не е дали треба да има турбо-фолк во Охрид. Нека има. Прашањето е зошто тој мора да биде толку доминантен што од градот го истиснува речиси секој друг музички израз. Зошто не можеме да понудиме различни места, различни атмосфери и различни музички концепти? Зошто не можеме да направиме Охрид навечер да звучи како град со култура, карактер и европска туристичка визија, наместо како случајна збирка од звучници поставени на секој агол? Ако сакаме сериозен туризам, мора да престанеме да размислуваме само како да привлечеме што повеќе гости за една вечер и да почнеме да размислуваме какво искуство му нудиме на човекот кој дошол во Охрид. Затоа што град кој има едно од највредните природни и културни богатства во регионот, а својот туристички амбиент го сведува на гласна шунд-музика, самиот си ја намалува вредноста. Охрид не треба да биде најгласниот град на Балканот. Треба да биде еден од најпрепознатливите. Не ни треба погласен Охрид. Ни треба поавтентичен, поквалитетен и пософистициран Охрид. А таков туризам не се гради со шунд, туку со визија. Од уредникот И.П. Post navigation Доаѓа време јапонските гиганти да „препишуваат“ од Кина: Нисан ги развива своите модели по кинески рецепт Технологијата оди предалеку? Вештачката интелегенција создава копии од починатите со кои може да разговарате