Мароко ќе именува автопат долг 1.055 километри по американскиот претседател Доналд Трамп, објави самиот тој на својата социјална мрежа Truth Social, оценувајќи ја одлуката како голема чест. Во објавата, Трамп му се заблагодари на мароканскиот крал Мохамед Шести и сподели промотивно видео за новата сообраќајница.

Според достапните информации, автопатот, кој ќе го носи името „President Donald J. Trump Highway“, се протега долж атлантскиот брег на Мароко и ги поврзува градовите Тизнит, Лаајун и Дахла. Дел од трасата минува низ Западна Сахара, територија што е под контрола на Мароко, но чиј меѓународен статус и понатаму е предмет на долгогодишен спор.

Во својата порака, Трамп изрази благодарност до мароканскиот монарх и порача дека со нетрпение го очекува денот кога ќе ја помине целата должина на новиот автопат.

Во видеото што го објави, се истакнува улогата на Трамп во поддршката на мароканските позиции за Западна Сахара. Се потсетува дека за време на неговиот прв претседателски мандат САД го признаа мароканскиот суверенитет над оваа територија, политика што американската администрација повторно ја потврди и по неговото враќање во Белата куќа.

Западна Сахара е предмет на децениски конфликт меѓу Мароко и Фронтот Полисарио, движење кое, со поддршка од Алжир, се залага за независност на регионот. Мароко контролира најголем дел од територијата од 1975 година, а прашањето сè уште не е конечно решено на меѓународно ниво.

Во рамките на соработката меѓу Вашингтон и Рабат, американската администрација во 2025 година најави поддршка за инвестиции во инфраструктурни проекти во Западна Сахара. Меѓу нив е и изградбата на длабоководно пристаниште во Дахла, инвестиција вредна околу една милијарда долари, која исто така е претставена во промотивното видео.

Ова не е првпат името на Доналд Трамп да биде поврзано со големи инфраструктурни објекти. По неговото враќање на претседателската функција, во САД беа покренати повеќе иницијативи неговото име да го носат аеродроми, јавни институции и други значајни објекти. Меѓу нив е и преименувањето на Меѓународниот аеродром во Палм Бич во „President Donald J. Trump International Airport“, додека други предлози за преименување на аеродромот „Далес“ во Вашингтон и железничката станица „Пен“ во Њујорк не добија поширока поддршка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *