Глобалната побарувачка за бакар продолжува да расте под влијание на геополитичките тензии и нарушувањата во синџирите на снабдување, а според најновата анализа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), овој метал станува еден од најважните стратешки ресурси за светската економија. Иако Македонија располага со значајни резерви на бакар, тие засега остануваат во голема мера неискористени. Во анализата на ММФ се наведува дека конфликтите и неизвесноста на глобалните пазари значително влијаат врз цените на индустриските метали. Бакарот и алуминиумот се меѓу суровините што бележат најголеми поскапувања во услови на геополитички кризи, а очекувањата се дека високата побарувачка ќе продолжи и во наредниот период поради ограничената понуда и зголемените потреби на индустријата. Во Македонија моментално единствен активен рудник за бакар е „Бучим – Боров Дол“, чии резерви постепено се намалуваат. Во меѓувреме, проектот „Иловица – Штука“, каде што геолошките истражувања потврдија значителни резерви на бакар, сè уште не е реализиран. Според досегашните проценки, од овој рудник би можеле да се произведуваат околу 16.000 тони бакар годишно, што би претставувало значителен придонес за домашната рударска индустрија и извозот. Истовремено, геолошки истражувања продолжуваат и на други локации во земјата. Во околината на Крива Паланка, покрај бакар, се испитува и присуството на антимон, кој исто така се смета за важна суровина во современата индустрија. Сепак, засега нема нови производствени капацитети што би ѝ овозможиле на државата да ја искористи поволната состојба на меѓународните пазари, каде цената на бакарот на Лондонската берза надмина 13.000 американски долари за тон. Поддржувачите на проектот „Иловица – Штука“ сметаат дека економскиот развој и заштитата на животната средина не мора да бидат спротивставени цели. Од граѓанската иницијатива „И здравје и работа“ нагласуваат дека секој рударски проект треба да ги исполни сите законски, технички и еколошки критериуми пред да добие одобрение. Според нив, доколку тие услови се исполнети, институциите треба да постапуваат согласно законските процедури, без влијание од политички или други притисоци. ММФ во својата анализа „Глобалната економија во сенка на војната“ посочува дека прекините во снабдувањето, особено поради конфликтите на Блискиот Исток, довеле до значителен раст на цените на основните метали. Во изминатиот период цената на бакарот пораснала за 29,5 проценти, додека алуминиумот забележал раст од 29,8 проценти. Фондот предупредува дека побарувачката за критични минерали ќе остане висока и во текот на 2026 година, бидејќи понудата не успева да го следи растот на потребите на индустријата, особено во секторите поврзани со енергетската транзиција, електричните возила и модерните технологии. Поради тоа, ММФ ги повикува владите да спроведат структурни реформи, да ги поедностават процедурите за отворање нови рудници и да создадат поповолна клима за инвестиции во рударството и металургијата. Во вакви глобални околности, пред Македонија останува прашањето дали ќе успее да ги стави во функција сопствените природни ресурси и да го искористи растечкиот интерес за бакар на светските пазари или потенцијалот на наоѓалиштата, како што е Иловица – Штука, и понатаму ќе остане неискористен. Post navigation Парите имаат две улоги: За едни се трошок, за други извор на нов приход Климатските промени стануваат закана и за банкарскиот систем во Европа