Компанијата Amazon го проширува своето глобално логистичко работење со нова услуга која ќе им биде достапна на компании од сите големини и индустрии, со што директно влегува во конкуренција со водечките светски логистички оператори. Новата платформа, наречена Amazon Supply Chain Services, ги обединува капацитетите за транспорт, складирање, дистрибуција, исполнување на нарачки и испорака на пратки, и за првпат ги отвора овие услуги за поширок пазар надвор од сопствената е-трговска мрежа. Со овој потег, Amazon практично ја проширува улогата од онлајн трговец во глобален логистички сервис провајдер. Од компанијата посочуваат дека услугата е наменета за бизниси од различни сектори, меѓу кои здравство, автомобилска индустрија, производство и малопродажба. Ова укажува на амбиција за позиционирање на Amazon како клучен играч во глобалните синџири на снабдување, а не само во онлајн продажбата. Според изјави од компанијата, новиот модел ја користи инфраструктурата развивана со години за сопствената е-трговија и ја нуди како интегрирано решение за надворешни клиенти. Со тоа, Amazon прави паралела со својот успешен облачен бизнис, кој преку Amazon Web Services стана глобален лидер во cloud индустријата. Веќе неколку големи компании, меѓу кои Procter & Gamble, 3M, Lands’ End и American Eagle Outfitters, се приклучиле на новата услуга, што укажува на интерес од страна на големи глобални брендови за користење на логистичката мрежа на Amazon. Со ова проширување, компанијата директно влегува во конкуренција со традиционалните логистички гиганти како UPS и FedEx, отворајќи нов фронт во борбата за доминација во глобалниот синџир на снабдување. Потегот се оценува како стратешки чекор со кој Amazon се обидува да создаде нов извор на раст, користејќи ја постоечката инфраструктура за да понуди пошироки услуги на глобалниот пазар, надвор од класичниот модел на е-трговија. Post navigation Бумот на вештачката интелигенција отвора прашање: има ли доволно струја за дата центрите Audi ги кратe трошоците и најавува отпуштања поради неизвесноста на пазарите