Зголемената потрошувачка на електрична енергија од дата центрите сè повеќе ги става европските влади пред тешки одлуки за нивниот понатамошен развој. Додека некои земји веќе воведуваат ограничувања или размислуваат за пауза во нови проекти, во Хрватска ова прашање допрва се отвора, особено по најавата за изградба на голем дата центар во Топуско. Проектот, познат како Пантheon, предизвика значително внимание во јавноста, но и серија дилеми околу неговата изводливост и економска оправданост. Освен скепсата за роковите, експертите предупредуваат и на сериозните енергетски предизвици. Дури и ако капацитетот на центарот биде помал од најавениот, неговата потрошувачка би можела да достигне нивоа споредливи со потрошувачката на цели држави, што отвора прашања за одржливоста на ваквите инвестиции. Клучен проблем останува изворот на електрична енергија. Иако инвеститорите најавуваат изградба на соларни капацитети, тие би покриле само дел од потребите. Увозот на струја, пак, би значел повисоки трошоци, додека изградбата на нови електрани и инфраструктура е долг и комплексен процес, што дополнително ја доведува во прашање реализацијата во предвидениот рок. Во меѓувреме, неколку европски земји веќе преземаат конкретни чекори. Данска воведе привремена пауза за нови приклучоци на електричната мрежа поради огромниот број барања, додека Холандија и Ирска веќе имаа воведено мораториуми, кои подоцна беа делумно ублажени. Причината е јасна – побарувачката за електрична енергија, поттикната од развојот на вештачката интелигенција и дигитализацијата, расте побрзо од капацитетите на енергетските системи. Слични дебати се водат и во САД, каде одделни сојузни држави разгледуваат ограничувања за нови дата центри поради притисокот врз електроенергетската мрежа. Прашањето за приоритети станува сè поактуелно – дали предност треба да имаат индустриски проекти или јавни услуги како здравството. Претставници на индустријата предупредуваат дека недостигот на енергија веќе создава нереални очекувања и долги листи на чекање за приклучување. Според нив, потребни се појасни критериуми за избор на проекти, како и подобра координација меѓу инвеститорите и државните институции. Во вакви околности, големите технолошки компании како Microsoft и Google сè почесто укажуваат дека ќе ги пренасочат инвестициите таму каде што има сигурен пристап до енергија и јасна регулатива. Тоа значи дека државите кои не можат да обезбедат стабилни услови ризикуваат да останат надвор од глобалниот бран на инвестиции во областа на cloud и вештачката интелигенција. Заклучокот што се наметнува е дека растот на дата центрите повеќе не е само технолошко, туку и енергетско и политичко прашање. Додека побарувачката за дигитална инфраструктура експоненцијално расте, клучниот предизвик за владите ќе биде како да ја усогласат со реалните капацитети на енергетските системи и долгорочните економски приоритети. Post navigation Европските берзи бележат пад под притисок на автомобилскиот сектор и најавените царини од Трамп Amazon влегува во директна конкуренција со UPS и FedEx со нова логистичка услуга