Осигурувањето одамна не е само бизнис со полиси за автомобили, домови или животно осигурување. Најголемите компании во секторот денес управуваат со огромни здравствени системи, инвестициски портфолија и финансиски услуги, а нивните годишни приходи се мерат во стотици милијарди долари.

Податоците на „Инвестопедија“ покажуваат колкава финансиска моќ е концентрирана во овој сектор. На врвот според приходите се наоѓа „ЈунајтедХелт Груп“, додека сосема поинаква слика се добива кога компаниите ќе се споредат според профитот или нивната вредност на берзата.

„ЈунајтедХелт Груп“ остварила приходи од околу 435 милијарди долари во последните 12 достапни месеци, со што го зазема првото место. Компанијата е силно присутна во американскиот здравствен сектор, а покрај здравственото осигурување располага и со широка мрежа на услуги поврзани со медицинската грижа.

Веднаш зад неа е „Беркшир Хатавеј“ со приходи од околу 401 милијарда долари. Но компанијата на Ворен Бафет значително се издвојува кога ќе се погледнат другите финансиски показатели. Нејзината нето-добивка изнесува околу 67 милијарди долари, додека пазарната вредност надминува еден билион долари.

Токму примерот на „Беркшир Хатавеј“ покажува зошто приходите не ја откриваат целата слика за големината и успешноста на една компанија. Групацијата покрај осигурувањето има инвестиции и компании во голем број други индустрии, поради што нејзиниот бизнис-модел значително се разликува од оној на класичните осигурителни компании.

На третата позиција е „CVS Health“, со приходи од околу 394 милијарди долари. Компанијата е уште еден пример за сè поголемото поврзување на здравственото осигурување со аптеките, здравствените услуги и управувањето со трошоците за медицинска нега.

Следува „Cigna Group“ со околу 268 милијарди долари приходи и приближно шест милијарди долари нето-добивка. „Centene“, која исто така е силно присутна во американскиот сектор за здравствено осигурување, остварила приходи од околу 186 милијарди долари, но во набљудуваниот период забележала загуба од приближно пет милијарди долари.

Надвор од американскиот пазар, меѓу најголемите се вбројува кинеската „Ping An Insurance“. Нејзините приходи достигнуваат околу 139 милијарди долари, а нето-добивката е околу 20 милијарди долари. Со пазарна вредност од приближно 162 милијарди долари, компанијата останува еден од најголемите азиски претставници во глобалната осигурителна индустрија.

Меѓу европските гиганти највисоко се наоѓа германски „Allianz“, со приходи од околу 136 милијарди долари. Компанијата остварила приближно 10 милијарди долари нето-добивка, а нејзината пазарна вредност се проценува на околу 168 милијарди долари.

Американската „Humana“ е следна со околу 126 милијарди долари приходи и приближно една милијарда долари нето-добивка. Компанијата е особено насочена кон здравственото осигурување и услугите поврзани со здравствената заштита.

На листата се наоѓа и француската „AXA“, еден од најпознатите европски осигурителни брендови. Нејзините приходи изнесуваат околу 101 милијарда долари, додека нето-добивката достигнува приближно осум милијарди долари.

Десетте компании ги заокружува германски „Munich Re“, еден од најголемите светски реосигурители. Иако со приходи од околу 49 милијарди долари е значително зад компаниите од врвот, групацијата остварила околу шест милијарди долари нето-добивка, а нејзината пазарна вредност се движи околу 78 милијарди долари.

При толкувањето на податоците важно е да се има предвид дека ова не претставува целосна листа на најголемите осигурителни компании во светот. Рангирањето се заснова на приходите во последните 12 достапни месеци, според податоци собрани на 14 и 15 јануари 2026 година, а опфатени се компании чии акции се достапни за тргување во САД директно или преку американски депозитарни потврди.

Исто така, приходите не се однесуваат исклучиво на премии од осигурување. Дел од компаниите имаат големи здравствени, инвестициски и други финансиски операции, па директната споредба не секогаш покажува кој е најголем во класичниот осигурителен бизнис.

Сепак, бројките јасно ја покажуваат големината на индустријата. Само првите три компании на листата заедно генерираат приходи поголеми од 1,2 билиони долари. Истовремено, разликите меѓу приходите, профитот и пазарната вредност покажуваат дека најголемата компанија според обемот на бизнисот не мора да биде и онаа што заработува најмногу или што инвеститорите највисоко ја вреднуваат на берзата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *