Вештачката интелигенција веќе пишува текстови, создава фотографии, музика и видеа, а сега сè посериозно влегува и во филмската индустрија. Британската продукциска компанија Particle6 направи чекор понатаму со проект во кој една од главните улоги ја добива Тили Норвуд – дигитален лик создаден со помош на вештачка интелигенција. Тили веќе не е само технолошки експеримент или виртуелен лик на социјалните мрежи. Таа доби улога во долгометражниот филм „Misaligned“, со што повторно се отвори прашањето до каде може да стигне примената на вештачката интелигенција во индустрија која традиционално се потпира на човечките емоции, искуство и талент. Но токму во моментот кога Тили требаше да покаже колку технологијата напредувала, едно интервју во живо откри дека разликата меѓу однапред создадена дигитална сцена и спонтан човечки разговор сè уште е огромна. Зад проектот стои лондонската компанија Particle6 и нејзината основачка Елин ван дер Велден, актерка и продуцентка која компанијата ја основала во 2015 година. Подоцна таа го развила и одделот посветен на вештачката интелигенција, а Тили Норвуд беше претставена во 2025 година. Уште од нејзиното појавување следуваа бурни реакции. Дел од актерската заедница изрази загриженост дека ваквите дигитални ликови во иднина би можеле да се користат наместо вистински актери. Американскиот актерски синдикат SAG-AFTRA исто така остро реагираше на идејата, додека Ван дер Велден инсистира дека Тили треба да се гледа како нов вид уметничка креација, а не како замена за човекот. Новата фаза од експериментот е филмот „Misaligned“. Станува збор за комедија-драма чија приказна е изградена околу необичниот свет на Тили. Таа постои како дигитално суштество без физичко тело, вистинско детство или сопствени животни искуства, но располага со огромно количество информации за искуствата на другите. Приказната се развива кога друг дигитален лик ја поттикнува да ги отфрли ограничувањата што ѝ биле поставени и да започне да развива сопствени желби и амбиции. Колку повеќе се приближува до човечкото однесување, толку поголема станува нејзината популарност. Иако централниот лик е производ на вештачка интелигенција, зад филмот не стојат само алгоритми. Во продукцијата се вклучени вистински режисери, сценаристи, монтажери и експерти за вештачка интелигенција. Компанијата тврди дека својот тим го приспособила на новиот начин на производство, наместо едноставно да ги замени луѓето со технологија. Сепак, најголемо внимание не привлече самиот филм, туку промотивното гостување на Тили Норвуд во емисијата на Пирс Морган. Во разговорот учествуваше и познатиот шкотски актер Том Конти, номиниран за Оскар. Тој ѝ постави навидум едноставно прашање – дали останатите актери во филмот се вистински луѓе или и тие се компјутерски создадени ликови. Наместо директен одговор, дигиталната актерка погрешно го разбрала прашањето и започнала да зборува општо за новите можности за раскажување приказни. Конти веднаш посочил дека тоа не било она што го прашал. Тогаш ситуацијата станала уште понеобична. Среде одговорот Тили запрела, а потоа неочекувано продолжила да зборува на кантонски. Наместо демонстрација на беспрекорна технологија, гледачите добиле пример за тоа колку непредвидливо може да се однесува системот кога треба веднаш да реагира на прашање што не било однапред подготвено. По барањето на Морган да објасни што се случило, Тили се извинила и на шеговит начин објаснила дека нејзините „жици малку се заплеткале“, претставувајќи го случајот како ретка техничка грешка. Нејзината креаторка подоцна објаснила дека дигиталниот лик може да комуницира на повеќе од 30 јазици, што би можело да објасни зошто системот ненадејно преминал на друг јазик. Но токму овој момент ја покажа една од најголемите разлики меѓу внимателно создадената содржина со вештачка интелигенција и настапот во живо. Филмската сцена може да се создава повеќепати, да се коригира, монтира и дополнително обработува сè додека не изгледа убедливо. Разговорот во живо не ја нуди таа можност. Прашањето пристигнува веднаш, а одговорот мора да следува во истиот момент. Тука технологијата се соочува со нешто што за искусните актери е природен дел од професијата – импровизацијата. Том Конти токму на тоа го насочи вниманието. Според него, филмската индустрија има огромен број актери, но само мал дел од нив ја поседуваат специфичната харизма поради која публиката сака да ги гледа. Таквата привлечност тешко се сведува само на изглед, глас или правилно изговорена реплика. Таа се создава преку начинот на кој актерот реагира, паузира, покажува емоција и комуницира со луѓето околу себе. Прашањето е дали алгоритамот може навистина да го репродуцира тоа или само убедливо да го имитира во однапред подготвени услови. Токму затоа Тили Норвуд стана интересен тест за иднината на филмот. Од една страна, нејзиното постоење покажува колку брзо напредувале алатките за создавање дигитални луѓе. Лик што до неодамна би бил дел од научнофантастичен филм денес може да добие улога, да биде дел од промотивна кампања и дури да гостува во телевизиско интервју. Од друга страна, необичниот настап кај Пирс Морган покажа дека визуелно убедлив лик и вистинска актерска изведба не се иста работа. Ова прашање е особено чувствително во Холивуд. Вештачката интелигенција и користењето дигитални двојници веќе беа меѓу темите што предизвикаа сериозни судири меѓу актерите и филмските студија. Стравот е дека технологијата со текот на времето би можела да се користи не само како дополнителна алатка, туку и како начин за намалување на потребата од вистински актери. Компаниите што ја развиваат технологијата, пак, тврдат дека таа може да отвори нови форми на креативност и да создаде можности кои досега не постоеле. Веројатно токму судирот меѓу овие две идеи ќе ја одбележи следната фаза од развојот на филмската индустрија. Тили Норвуд веќе покажа дека вештачката интелигенција може да создаде дигитален лик кој изгледа доволно убедливо за да стане ѕвезда на филмски проект. Но нејзиниот настап во живо покажа и нешто друго. Да изгледаш како актер и навистина да бидеш актер сè уште не е исто. Навигација на напис Вештачката интелигенција не е планинарски водич: Една погрешна информација може скапо да ве чини Бактериите стануваат отпорни, научниците бараат ново оружје: Одговорот можеби се крие во бакарот