По речиси две децении со релативно препознатлив дизајн, „Епл“ се подготвува за една од најголемите промени во историјата на ајфонот. Компанијата конечно го носи на пазарот својот прв телефон со преклоплив екран, уред со кој сака да влезе во сегментот во кој конкурентите веќе неколку години експериментираат. Новиот модел се очекува да биде претставен во среда, а неговото појавување претставува важен момент за „Епл“. Компанијата со години развива технологија за преклопливи екрани, но досега внимателно избегнуваше да влезе во категоријата, иако производители како „Самсунг“, „Хуавеј“ и „Гугл“ веќе понудија свои решенија. Приказната за преклопливиот ајфон започнала многу порано, но околу 2020 година проектот добил дополнителен импулс. Тим Кук, кој тогаш беше извршен директор на компанијата, покажал особено интересирање за технологијата откако на азискиот пазар забележал дека преклопливите телефони стануваат сè поприсутни. Инженерите на „Епл“ и претходно работеле на различни концепти, вклучително и можноста за преклоплив уред со димензии блиски до таблет. Со текот на времето, сепак, компанијата проценила дека преклопливиот ајфон има поголем комерцијален потенцијал и развојот бил насочен кон телефон кој би можел да привлече многу поширок круг корисници. Во компанијата уредот се развива под кодното име V68, а во одредени фази бил опишуван и како „ајфон ултра“. Причината за ваквата позиција е јасна – станува збор за премиум модел кој би требало да се наоѓа над актуелните ајфон модели, но и цената ќе биде значително повисока. Првичните планови предвидувале почетна цена од околу 1.999 долари, но во последно време се разгледувала и можноста таа да достигне 2.199 долари. Кај конфигурациите со најголема меморија, цената би можела да се приближи до границата од 3.000 долари. За споредба, актуелниот стандарден ајфон започнува од околу 799 долари, додека моделите од Про серијата се значително поскапи, но сепак далеку под потенцијалната цена на преклопливиот модел. „Епл“ очигледно смета дека дел од купувачите се подготвени да платат премиум цена за новата технологија. Компанијата дополнително може да се потпре на програмите за замена на старите уреди, плаќањето на рати и сопствените претплатнички модели, со што високата почетна цена би можела полесно да се распредели на подолг период. Според досегашните информации, главниот внатрешен екран би имал дијагонала од околу 7,8 инчи, додека надворешниот дисплеј би бил со големина од приближно 5,5 инчи. Така, кога е затворен, телефонот би бил покомпактен и попрактичен за секојдневно користење, а кога ќе се отвори би нудел простор блиску до мал таблет. Замислата е големиот дисплеј да биде особено погоден за гледање видео, работа, читање и паралелно користење повеќе апликации. Надворешниот екран, пак, би бил наменет за побрзи задачи без потреба уредот постојано да се отвора. Но зад атрактивниот концепт се крие и серија технички предизвици. Преклопливите телефони традиционално имаат проблеми со издржливоста, механизмот за отворање и затворање, видливата линија на превиткување, батеријата и поставувањето на камерите. Токму овие слабости „Епл“ се обидел да ги минимизира. Компанијата работела на посебна конструкција на шарката, комбинација од титаниум и алуминиум, како и на заштитно стакло развиено во соработка со „Корнинг“. Еден од главните приоритети бил наборот на екранот да биде што помалку забележлив. Тоа е област во која „Епл“ сака да се разликува од дел од конкурентите, бидејќи видливата линија на превиткување и понатаму е една од најчестите забелешки кај преклопливите уреди. Компанијата паралелно го прилагодува и софтверот. Апликациите и оперативниот систем треба да можат непречено да се приспособуваат на различните големини на дисплејот, што е особено важно кога телефонот ќе се користи во отворена форма. Сепак, новиот ајфон нема да биде без компромиси. Преклопливата конструкција може да значи помала издржливост во споредба со класичните модели, одредени ограничувања кај камерите, а можно е и батеријата да има пократко траење. За дел од функциите, корисникот ќе мора физички да го отвори телефонот за да го искористи големиот екран. Токму затоа најголемото прашање не е само дали „Епл“ успеал да направи добар преклоплив телефон, туку дали корисниците ќе бидат подготвени да платат огромна сума за уред кој, и покрај новата технологија, има свои ограничувања. Прогнозите засега се оптимистички. Аналитичарите очекуваат во текот на првата година да бидат продадени меѓу седум и десет милиони примероци. Дел од аналитичарите сметаат дека во Кина телефонот би можел да добие и статусен карактер, сличен на оној што го имаат најпрестижните луксузни производи. Тоа би му овозможило на „Епл“ да создаде нов премиум сегмент во рамките на сопствениот екосистем, наместо само да се натпреварува со останатите производители на преклопливи телефони. Новиот уред истовремено ќе биде важен тест и за Џон Тернус, кој на 1 септември ја презеде функцијата извршен директор на „Епл“. Неговото појавување на промоцијата на еден од најважните нови производи ќе биде симболичен почеток на нова етапа за компанијата. Тим Кук, пак, ја задржува функцијата извршен претседател и ќе ја следи премиерата од публиката. Така, претставувањето на преклопливиот ајфон ќе биде и своевиден премин меѓу две ери на раководење со една од највлијателните технолошки компании во светот. Но плановите на „Епл“ не завршуваат со овој телефон. Компанијата веќе развива нови категории производи, меѓу кои уреди со поголеми и пофлексибилни дисплеи, паметни очила, домашен робот, „ЕрПодс“ со камери и нови решенија за безбедност и автоматизација во домот. Со години „Епл“ внимателно ги набљудуваше преклопливите телефони од дистанца. Сега компанијата реши да влезе во играта, но по свои правила – со висока цена, премиум материјали и амбиција да ја направи технологијата масовно привлечна. Доколку прогнозите се остварат, преклопливиот ајфон би можел да означи нова фаза не само за „Епл“, туку и за целиот пазар на паметни телефони. Доколку, пак, купувачите проценат дека новата форма не вреди илјадници долари, компанијата ќе се соочи со можеби најтешкиот тест: да докаже дека иновацијата навистина вреди колку што чини. Post navigation Европа тоне во тутунски криминал: Никнуваат илегални фабрики, државите губат 13 милијарди евра Роботите ја освојуваат детската соба: Барби веќе има роботска мачка