Bugatti продолжува да ја поместува границата меѓу автомобилскиот дизајн и уметноста. Најновиот пример е Destrier, третото уникатно возило создадено во рамките на ексклузивната програма Solitaire, модел кој ја зема екстремната архитектура на Bolide и ја претвора во сосема поинакво визуелно искуство. Наместо агресивни аеродинамични елементи, огромни отвори и спојлери, Destrier се потпира на чистите линии, пропорциите и силуетата. Името потекнува од „destrier“, називот за најценетиот и најмоќниот вид средновековен боен коњ, што совршено се вклопува во идејата зад автомобилот. Возилото е високо само околу еден метар, а неговата појава дополнително ја нагласуваат огромните тркала. Напред се поставени тркала од 20 инчи, додека задните се со дијаметар од 21 инч. За споредба, Bolide користи 18-инчни тркала, па разликата е веднаш забележлива. Програмата Solitaire е најексклузивниот степен на персонализација што Bugatti го нуди. За разлика од класичната програма Sur Mesure, каде купувачите можат детално да ги приспособат сериските модели, Solitaire е наменет за создавање целосно уникатни автомобили. Секој примерок добива сопствен дизајн, каросерија и приказна и се изработува само за еден клиент. Destrier е третото вакво ремек-дело, по моделите Brouillard и F.K.P. Hommage. Додека претходните автомобили беа силно поврзани со конкретни историски и лични инспирации, кај Destrier главниот акцент е ставен врз формата и скулптуралниот изглед. Интересно е што автомобилот ја продолжува една стара традиција на Bugatti. Истиот основен концепт на шасија во минатото овозможил создавање на целосно различни автомобили. Шасијата на Type 57, на пример, била основа за тркачките Type 57G и Type 57C „Tank“, но и за легендарниот Type 57SC Atlantic. Токму оваа идеја е пресликана и кај Destrier. Од истата основа како Bolide е создаден автомобил со сосема поинаков карактер. Наместо максимално развиена аеродинамика, Destrier ги открива пропорциите што кај Bolide се криеја зад неговата тркачка конструкција. Дизајнерите ја задржале препознатливата C-линија на Bugatti, но ѝ дале нова форма. Линијата за момент се прекинува пред предниот браник, оставајќи чиста површина, а потоа повторно се движи кон карактеристичната потковичеста маска. Таа е поширока отколку кај Bolide и на предниот дел му дава посмирен, но исклучително моќен изглед. На задниот дел е поставено крило кое е интегрирано во целокупниот дизајн, без да ја нарушува елегантната силуета. Профилот на автомобилот е особено впечатлив: кабината е поставена исклучително ниско, додека каросеријата се стеснува зад вратите и потоа повторно се шири кон задните тркала. Резултатот е форма која повеќе потсетува на рачно изработена скулптура отколку на класичен хиперспортски автомобил. Destrier е обоен во специјално развиена нијанса наречена Sapphire Celeste. Станува збор за повеќеслојна сина боја со ефект на дијамантски сјај, создадена исклучиво за овој автомобил и неговиот сопственик. Полирани алуминиумски детали создаваат контраст со длабоката сина каросерија, додека деловите од карбон на предниот сплитер и задниот дифузор се усогласени со бојата на возилото. Изборот на бојата има и историска симболика. Еден од најпознатите примероци на Type 57SC Atlantic во минатото бил обоен во сина нијанса, пред подоцна да биде префарбан во црно. Внатрешноста е уште еден доказ дека Destrier не е создаден само како машина за постигнување брзина. Наместо минималистичкиот и суров кокпит на Bolide, кабината е замислена како луксузен кројачки ателје. За ентериерот се користени кожа и нубук во топлата нијанса Ambre Voyageur, заедно со специјален 3D-плетен текстил. Во него се вткаени бакарни нишки кои создаваат препознатлив кружен мотив околу кабината. Материјалите се повторуваат низ различни делови од ентериерот, а деталите се обработени така што кабината остава впечаток на рачно изработен предмет. Елементи со изглед на рачно кован метал се појавуваат на рачката за отворање на вратите, отворите за воздух, воланот и праговите. Во центарот на кабината се наоѓа и мал француски симбол, потсетување на потеклото на марката. Иако Destrier е пред сè дизајнерски проект, под неговата каросерија се крие погонскиот систем од Bolide. Тоа значи дека автомобилот го задржува 8,0-литарскиот W16 мотор со четири турбополначи, кој развива неверојатни 1.600 коњски сили. Но, токму тука е една од најинтересните работи кај Destrier. И покрај огромната моќност, Bugatti не ја става брзината во центарот на приказната. Наместо тоа, автомобилот е замислен како доказ дека екстремната инженерска основа може да се претвори во нешто сосема поинакво – во автомобил кај кој формата, материјалите и изработката се поважни од самите перформанси. Дури и најмалите детали се направени за да ја нагласат неговата уникатност. Во предните и задните светла се појавуваат современи параметарски мотиви, додека капачето на резервоарот за масло го носи амблемот на Destrier и ознаката „1/1“, јасно покажувајќи дека станува збор за единствен примерок. Со Destrier, Bugatti уште еднаш покажува дека најскапите автомобили не мора секогаш да се натпреваруваат во бројки. Во светот на екстремните хиперавтомобили, каде моќноста и брзината често се главните мерила, овој модел се обидува да привлече внимание со нешто поинакво – со пропорции, историја и дизајн што треба да останат впечатливи и по неколку децении. Destrier треба да биде официјално претставен за време на Monterey Car Week, чиј главен настан е Pebble Beach Concours d’Elegance, на 16 август 2026 година. Тогаш јавноста ќе има можност одблизу да го види автомобилот кој Bugatti го замисли како спој меѓу тркачката технологија и автомобилската уметност. Post navigation Дали телефонот навистина се оштетува ако го користите додека се полни? Рекламација во Македонија: Право на купувачот или борба со продавницата?