Неочекувано откритие во архивата на еден стар манастир во Фиренца повторно ја отвори дебатата за потеклото на еден од најпознатите безалкохолни пијалаци во светот. Во историски документ пронајден во манастирската аптека е опишан рецепт за напиток направен од листови кока, ореви кола и вино, а неговиот состав потсетува на формулата што неколку децении подоцна ќе биде основа за создавањето на Coca-Cola. Документот го пронашол отец Мануел Русо, управител на манастирот Сан Марко во Фиренца, додека го средувал архивскиот материјал на манастирската аптека. Станува збор за стар промотивен леток во кој е претставен таканаречениот „обновувачки вински еликсир“, кој монасите го препорачувале како средство за враќање на силата и енергијата кај луѓе исцрпени од болест или старост. Според рецептот, напитокот бил подготвуван од боливиски листови кока, ореви кола и вино. Во тоа време ваквите состојки не биле невообичаени во фармацевтските препарати, а листовите кока легално се увезувале од Јужна Америка сè до меѓународната забрана воведена во 1961 година поради нивната поврзаност со производството на кокаин. Историчарите сметаат дека документот потекнува од средината на 19 век, односно од период кога манастирската аптека веќе била добро позната по подготовката на лековити препарати за локалното население. Токму сличноста меѓу овој рецепт и формулата што американскиот фармацевт Џон Пембертон ја развил во 1886 година ги поттикна шпекулациите дека фирентинскиот напиток можеби претставувал инспирација за создавањето на Coca-Cola. Пембертон, исто така, користел екстракт од листови кока и ореви кола, но наместо вино употребил засладен сируп и газирана вода, бидејќи тогашните американски прописи не дозволувале алкохол во ваков производ. Иако дел од италијанските медиуми веднаш ја отворија дилемата дали вистинските корени на Coca-Cola можеби се наоѓаат во Фиренца, самиот отец Русо е претпазлив. Тој нагласува дека не постојат докази кои би покажале дека американскиот рецепт директно произлегол од манастирската формула. Според него, во тоа време низ Европа постоеле повеќе слични препарати кои содржеле листови кока, особено во Италија и Франција, па затоа не може да се тврди дека станува збор за директен претходник на денешниот познат пијалак. Во архивата биле пронајдени и празни шишиња во кои се чувал еликсирот, а дополнителните историски документи покажуваат дека напитокот бил еден од најбараните производи на манастирската аптека. Неговата популарност се должела на уверувањето дека помага против замор, физичка исцрпеност и последиците од стареењето. Манастирот Сан Марко е основан во 1436 година, а неговата аптека започнала со работа неколку децении подоцна со цел да обезбедува лекови и природни препарати за локалното население. Денес таа сè уште постои, а пронајдениот документ претставува уште едно сведоштво за богатата фармацевтска традиција на оваа институција. Иако останува неизвесно дали фирентинскиот еликсир навистина имал влијание врз создавањето на Coca-Cola, откритието повторно го привлече вниманието на историчарите и љубителите на оваа светски позната марка. Засега, единствено е сигурно дека уште во 19 век во Европа постоеле напитоци со сличен состав, но директна поврзаност со американскиот бренд сè уште не е потврдена. Post navigation Дали заврши „американскиот сон“? Работници од Балканот разочарани од Алјаска Што се случува со Лондон? Повеќе од 400.000 луѓе го напуштија градот