Кинескиот производител на мемориски чипови ChangXin Memory Technologies (CXMT) оствари спектакуларен дебитантски настап на технолошкиот пазар STAR на Шангајската берза, при што вредноста на неговите акции скокна за повеќе од 500 проценти уште на првиот ден од тргувањето. Со овој раст, компанијата стана највредната котирана фирма на берзите во континентална Кина. Компанијата со седиште во Хефеи претходно собра околу 6,9 милијарди долари преку иницијалната јавна понуда на акции, што претставува најголемото ИПО во Азија годинава. По силниот раст на цената на акциите, пазарната капитализација на CXMT достигна околу 420 милијарди евра, што ја позиционира меѓу највредните технолошки компании во регионот. Ваквиот успех доаѓа во период кога светските технолошки берзи се соочуваат со нестабилност и значителен пад на вредноста на акциите. Поради тоа, успешното излегување на берза се смета за важен сигнал за закрепнување на довербата кај инвеститорите и дополнителен поттик за кинеската технолошка индустрија. CXMT произведува DRAM мемориски чипови кои се користат во центри за обработка на податоци, системи за вештачка интелигенција, паметни телефони, персонални компјутери и сервери. Според податоците од компанијата, на крајот на 2025 година таа контролирала околу 7,7 проценти од светскиот пазар на DRAM меморија, каде што водечки позиции и натаму имаат Samsung Electronics, SK Hynix и Micron Technology. Интересот на инвеститорите дополнително се засили по информациите дека Apple започнал да ги тестира мемориските чипови на CXMT за одредени уреди наменети за кинескиот пазар. Иако засега нема официјална потврда за поширока комерцијална соработка, ваквите информации дополнително ја зголемија довербата во потенцијалот на компанијата. Финансиските резултати исто така покажуваат значително подобрување. Во првиот квартал од годинава CXMT остварила оперативна добивка од 35,43 милијарди јуани, додека во истиот период лани компанијата бележела загуба од 2,83 милијарди јуани. Од менаџментот најавија дека најголемиот дел од средствата обезбедени преку ИПО ќе бидат вложени во проширување на производствените капацитети, како и во истражување и развој на нови технологии. Дел од аналитичарите сметаат дека компанијата има потенцијал да стане еден од најважните играчи во глобалната индустрија за мемориски чипови. Според нив, кинеската стратегија за развој на домашната индустрија за полупроводници и вештачка интелигенција ќе придонесе домашните технолошки компании сè повеќе да се потпираат на локални производители наместо на странски добавувачи. Сепак, експертите предупредуваат дека енормниот раст на акциите е делумно поттикнат и од ограничената понуда на акции и силниот оптимизам на пазарот. Тие оценуваат дека индустријата за мемориски чипови се наоѓа во доцна фаза од својот циклус, поради што сегашните профитни маржи можеби нема да бидат одржливи на подолг рок. И покрај тоа, дебито на CXMT претставува едно од највпечатливите берзански случувања годинава и дополнително ја истакнува амбицијата на Кина да изгради конкурентна домашна индустрија во секторот на полупроводници. Post navigation Nvidia и OpenAI преговараат за проект вреден над 500 милијарди долари за изградба на гигантски центар за вештачка интелигенција Најголемата онлајн продавница за брза мода во загуба: Shein изгуби 99 милиони долари за три месеци