Бродските компании почнаа да нудат рекордни финансиски бонуси за членовите на екипажите кои се подготвени да пловат низ Ормутскиот теснец, една од најризичните поморски рути во светот. Причина за ваквите понуди е сериозното влошување на безбедносната состојба во регионот и зголемената неподготвеност на морнарите да прифатат ангажман на оваа делница.

Меѓу компаниите што презедоа ваков чекор е и најголемиот светски сопственик на супертанкери, „Синокор груп“, кој на членовите на екипажот им понудил бонус во висина на шест месечни плати за едно патување. Станува збор за транспорт на сурова нафта од Саудиска Арабија или Ирак до Оманскиот Залив, рута што вообичаено трае околу еден месец.

Одлуката доаѓа во период кога безбедносните ризици во Персискиот Залив се значително зголемени. Според податоците на Меѓународната поморска организација при Обединетите нации, од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари досега биле регистрирани најмалку 59 напади врз трговски бродови во регионот, при што животот го загубиле 17 морнари.

Во такви околности, многу членови на екипажите се соочуваат со тешка одлука – дали да прифатат значително повисока заработка или да го избегнат ризикот по сопствената безбедност. Според важечките правила, морнарите имаат право да одбијат пловидба низ опасни зони и да побараат замена, но превозниците најчесто успеваат да обезбедат екипажи благодарение на високите парични стимулации.

Капетаните на танкерите, кои ја носат конечната одлука за пловидбата, заработуваат и до 15.000 американски долари месечно, додека останатите членови на екипажот во просек добиваат околу 1.500 долари. Дополнителните бонуси во многу случаи претставуваат повеќекратно зголемување на нивната редовна заработка.

Истовремено, сопствениците на танкери остваруваат значителни приходи од ваквите патувања, иако трошоците за осигурување на бродовите значително пораснаа поради високото ниво на ризик. Сепак, најголемиот товар од опасноста останува врз морнарите, кои се изложени на директни безбедносни закани за време на пловидбата.

Претседателот на организацијата GlobalMET, Прадип Чавла, изјави дека дел од компаниите нудат исклучително високи бонуси само за да обезбедат доволен број членови на екипаж. Тој посочува дека некои морнари одлучуваат да ги напуштат бродовите пред тие да навлезат во опасната зона, но секогаш има и такви кои се подготвени да го прифатат ризикот поради високата финансиска надокнада.

Поради влошената безбедносна состојба, поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец е намален во споредба со претходниот период. Дополнително, дел од бродовите пловат со исклучени системи за сателитско следење, што го отежнува прецизното следење на нивното движење и реалниот обем на сообраќајот низ една од најважните светски рути за транспорт на нафта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *