Lidl supermarket exterior featuring parking area and shopping carts on a sunny day.

Лидл потврди дека бил погоден од сајбер напад врз надворешен ИТ-партнер, при што биле компромитирани лични податоци на голем број корисници. Според информациите што ги објави компанијата, напаѓачите успеале привремено да пристапат до посебна база со податоци за клиентите и да преземат дел од информациите.

Меѓу податоците што можеби се откриени се имиња и презимиња, телефонски броеви, електронски адреси, датуми на раѓање и клиентски броеви. Од компанијата нагласуваат дека лозинките, податоците за платежни картички, банкарските информации и домашните адреси не биле компромитирани, бидејќи тие не се наоѓале во засегнатата база.

Инцидентот, според Лидл, не го погодил системот на онлајн продавницата, туку бил поврзан со надворешен давател на ИТ-услуги. Компанијата наведува дека веднаш по откривањето на нападот биле преземени мерки за ограничување на последиците, обновување на безбедноста на системите и започнување детална истрага со помош на експерти за дигитална форензика.

Иако не е соопштено колкав е бројот на засегнати корисници, ниту кој ИТ-партнер бил цел на нападот, Лидл потврди дека случајот е пријавен до надлежните институции за заштита на личните податоци во земјите каде што е регистриран инцидентот, меѓу кои Холандија, Белгија и Германија.

Компанијата предупредува дека постои можност украдените информации да бидат злоупотребени за фишинг-напади и други облици на интернет-измама. Поради тоа, ги советува корисниците да бидат особено внимателни при отворање електронски пораки, пораки преку мобилен телефон или телефонски повици во кои некој бара лични или финансиски информации, дури и ако изгледа дека пораките доаѓаат од доверлив извор.

Лидл информира дека сите клиенти за кои постои сомневање дека нивните податоци биле засегнати ќе добијат директно известување преку електронска пошта со дополнителни инструкции и препораки за заштита.

Според досега објавените информации, инцидентот се однесува на корисници кои купувале или користеле услуги на Лидл во Германија, Холандија и Белгија. Засега нема информации дека се погодени корисници од Северна Македонија. Бидејќи Лидл сè уште нема активна малопродажна мрежа во земјата, не постојат индикации дека македонските потрошувачи се директно засегнати од овој сајбер напад.

Лидл располага со околу 12.900 продавници во 32 држави во Европа и САД и најави дека ќе продолжи да соработува со надлежните органи додека трае истрагата за инцидентот и утврдувањето на неговиот целосен обем.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *