Detailed view of Xbox gaming controller with vibrant buttons displayed indoors.

Microsoft подготвува нов круг на намалување на бројот на вработени, со кој ќе бидат опфатени околу 5.500 работници ширум светот. Според информации објавени од повеќе светски бизнис медиуми, компанијата планира да го намали персоналот за нешто помалку од 2,5 проценти на почетокот на новата фискална година.

Со оглед дека Microsoft моментално има околу 228.000 вработени, ова ќе биде уште еден значаен чекор во процесот на корпоративно преструктурирање што започна минатата година. Во јули 2025 година компанијата веќе отпушти околу 9.000 луѓе, односно приближно четири проценти од својата работна сила.

Според достапните информации, најголем дел од намалувањата ќе ги почувствуваат секторите за продажба, консалтинг и гејминг, при што најпогодена се очекува да биде дивизијата Xbox.

Причина за ваквите мерки е слабеењето на финансиските резултати во гејмерскиот сегмент. Новата извршна директорка на Xbox, Аша Шарма, неодамна во интерна комуникација со вработените предупредила дека е потребна темелна промена на стратегијата, наведувајќи дека профитната маржа на секторот се намалила на само три проценти.

Во последните пет години Microsoft инвестираше повеќе од 20 милијарди долари во развој на гејмерски содржини и субвенционирање на хардверот, без во оваа сума да биде вклучена аквизицијата на Activision Blizzard. И покрај големите вложувања, приходите на гејмерската дивизија бележат пад, што дополнително го зголемува притисокот врз раководството да преземе мерки за намалување на трошоците.

Компанијата веќе неколкупати ги зголеми цените на Xbox конзолите на глобално ниво, објаснувајќи дека производството е поскапо поради растот на цените на мемориските компоненти и останатата електронска опрема. Аналитичарите очекуваат дека покрај отпуштањата ќе следуваат и намалување на маркетинг буџетите, откажување на дел од планираните видеоигри, како и можни спојувања или затворања на некои развојни студија.

Иако Microsoft официјално не ги коментира информациите за новите отпуштања, потезите на компанијата се совпаѓаат со поширокиот тренд во технолошката индустрија. Голем број технолошки компании во изминатиот период спроведоа значителни намалувања на работната сила, додека истовремено ги зголемија инвестициите во развојот на вештачката интелигенција.

Компанијата сè повеќе ги насочува финансиските средства кон изградба на центри за податоци, набавка на графички процесори и развој на напредни системи за вештачка интелигенција. Според извори блиски до менаџментот, Microsoft проценува дека алатките како Copilot и другите интелигентни софтверски агенти постепено преземаат дел од административните и рутинските задачи, што ја намалува потребата од одредени работни позиции.

Во обид да го ублажи влијанието од преструктурирањето, Microsoft годинава за првпат во својата 51-годишна историја воведе програма за доброволно пензионирање. Дел од повозрасните вработени ја прифатиле понудата за отпремнина, што придонело конечниот број на принудни отпуштања да биде помал од првично планираниот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *