Adult man organizing a massive pile of US dollar bills indoors in dynamic lighting.

Во светот денес има рекордни 3.302 милијардери, што претставува зголемување од 13,1 проценти во споредба со минатата година. Во исто време, нивното вкупно богатство пораснало за дури 25 проценти, значително побрзо од растот на вкупното светско богатство, покажува најновиот извештај за глобалното богатство на швајцарската банка UBS.

Најголем придонес за овој раст имаат САД и азиските пазари, каде што во изминатата година се создадени најмногу нови милијардери и е забележано најголемо зголемување на вредноста на нивниот имот.

Според извештајот, во светот моментално има 18 лица чие богатство се движи меѓу 50 и 100 милијарди долари, додека уште 19 луѓе располагаат со повеќе од 100 милијарди долари. Од нив, дури 15 се од САД, што дополнително ја нагласува доминацијата на американските претприемачи и инвеститори во глобалната распределба на богатството.

Во анализата се наведува и дека глобалното лично богатство во текот на 2025 година се зголемило за 10,8 проценти, што претставува најбрзо темпо на раст од 2017 година. За споредба, во 2024 година растот изнесувал 4,6 проценти, а една година претходно 4,3 проценти.

Во текот на минатата година во светот се појавиле и речиси еден милион нови милионери, при што раст е регистриран на сите пазари опфатени со истражувањето.

Дел од порастот на богатството се должи и на слабеењето на американскиот долар. Бидејќи податоците се пресметуваат во долари, вредноста на имотот во други валути изгледа повисока кога доларот ослабува.

Иако извештајот покажува дека животниот стандард во многу земји се подобрил, пред сè поради растот на вредноста на недвижностите и другите нефинансиски средства, анализата истовремено предупредува на сè поголема економска нееднаквост.

Во голем број држави средното богатство на населението е намалено, што укажува дека најголемиот дел од растот на богатството е концентриран кај најимуќните поединци.

Економистот на UBS, Џејмс Мазо, оценува дека земјите во кои граѓаните активно инвестираат на берзите бележат најизразен раст на богатството. Според него, учеството на населението на пазарите на капитал значително придонесува за зголемување на личниот имот, но придобивките не се распределуваат рамномерно меѓу сите граѓани.

Извештајот сугерира дека, и покрај глобалниот раст на богатството, разликата меѓу најбогатите и остатокот од населението продолжува да се продлабочува, а концентрацијата на капитал кај мал број поединци достигнува нови рекордни нивоа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *