Hand holding smartphone displaying digital wallet app interface, blurred monitor in background.

Патот на Џек Жанг од миење садови во ресторани до статус милијардер е една од највпечатливите претприемачки приказни во технолошкиот свет. Кинескиот претприемач, кој како тинејџер се преселил во Австралија, денес е основач и извршен директор на финтек-компанијата Airwallex, чија вредност достигна 11 милијарди долари и која се вбројува меѓу најбрзо растечките компании во светот.

Жанг ја основал Airwallex во 2015 година во Мелбурн, откако претходно имал дури десет неуспешни обиди да изгради успешен стартап. Компанијата првично нудела поедноставни и поевтини решенија за меѓународни плаќања, а денес прерасна во глобална финансиска платформа која, покрај прекуграничните трансакции, обезбедува деловни сметки, корпоративни картички, обработка на плаќања и финансиски услуги за компании.

Airwallex денес работи во 47 земји, меѓу кои Кина, Јапонија, САД, Велика Британија и Мексико, а услугите ги користат повеќе од 300.000 деловни клиенти. По последната инвестициска рунда, во која компанијата обезбеди нови 320 милиони долари, нејзината пазарна вредност достигна 11 милијарди долари. Жанг и понатаму поседува околу 12 проценти од компанијата, удел кој се проценува на околу 1,3 милијарди долари.

Неговиот животен пат не бил воопшто лесен. Роден е во кинеската покраина Шандонг, а на 15-годишна возраст бил испратен во Австралија бидејќи неговиот татко сметал дека подобро ќе се вклопи во западниот начин на размислување. Само една година подоцна семејството се соочило со финансиски проблеми, па Жанг бил принуден сам да ги финансира студиите по компјутерски науки на Универзитетот во Мелбурн. Работел различни физички работи, од миење садови и работа како шанкер, до ноќни смени на бензинска пумпа и тешка сезонска работа во фабрика за преработка на овошје.

По дипломирањето работел како софтверски инженер и девизен трговец, но паралелно постојано развивал нови бизнис-идеи. Пресвртниот момент дошол додека управувал со мал синџир кафулиња. Тогаш увидел колку се скапи и бавни меѓународните плаќања, откако за трансакција од 15.000 долари плаќал стотици долари провизија и со недели чекал потврда дека средствата се префрлени. Тоа искуство било главната причина да ја основа Airwallex заедно со своите партнери.

Ниту новата компанија не постигнала успех преку ноќ. Првите два производи не ги исполниле очекувањата, а вистинскиот пробив дошол во 2018 година кога Airwallex се насочил кон големи корпоративни клиенти и започнал да нуди услуги за конверзија на валути и масовни меѓународни исплати. Еден од првите големи клиенти бил интернет-трговецот Shein, за кого компанијата обработила трансакции вредни повеќе од една милијарда долари.

Истата година американскиот финтек гигант Stripe понудил 1,2 милијарди долари за преземање на Airwallex, иако компанијата тогаш имала релативно скромни приходи. Жанг ја одбил понудата, убеден дека компанијата има потенцијал самостојно да стане глобален играч.

Наместо продажба, Airwallex инвестирал во создавање сопствена глобална мрежа на лиценци за платен промет. Денес компанијата поседува десетици лиценци низ светот, што ѝ овозможува директно поврзување со националните платежни системи и централните банки без потпирање на традиционалната SWIFT мрежа, со што значително ги намалува трошоците за прекугранични трансакции.

Компанијата постепено ја прошири понудата со корпоративни картички, онлајн плаќања и банкарски услуги, а во последните години воведе модел со двојно седиште во Сингапур и Сан Франциско. До март 2026 година преку платформата се обработувале повеќе од 250 милијарди долари трансакции годишно, додека годишните приходи достигнале околу 1,3 милијарди долари. Иако сè уште не работи со нето-добивка, меѓу клиентите на Airwallex се вбројуваат компании како Canva, Deel, Brex и Afterpay.

Покрај растот, компанијата се соочува и со политички и регулаторни предизвици. Во САД се појавија обвинувања дека поради кинеските корени на основачите постои ризик од пристап до податоците на американските корисници. Жанг категорично ги отфрли ваквите тврдења, нагласувајќи дека податоците на американските клиенти се чуваат исклучиво во САД и дека вработените во Кина немаат пристап до нив. Независна безбедносна ревизија, според компанијата, потврдила дека системите за заштита на податоците ги надминуваат индустриските стандарди.

Во меѓувреме, Airwallex продолжува да инвестира во нови технологии. Компанијата веќе користи решенија базирани на вештачка интелигенција за автоматизација на финансиските процеси, а работи и на блокчејн инфраструктура која во иднина би овозможила плаќања со стабилни дигитални валути. Според Жанг, токму интегрираната платформа која ги обединува сите финансиски услуги на едно место ќе биде клучната конкурентска предност во борбата со големите ривали како Stripe, Ramp и другите глобални финтек-компании.

Приказната на Џек Жанг покажува дека успехот ретко доаѓа преку ноќ. По десет неуспешни стартапи, токму единаесеттиот обид му донесе компанија вредна милијарди долари и место меѓу најуспешните претприемачи во современата финтек-индустрија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *