Тензиите меѓу водечките компании за вештачка интелигенција дополнително се зголемија откако американскиот стартап Anthropic јавно го обвини кинескиот технолошки гигант Alibaba за организиран и незаконски обид да дојде до неговата напредна ВИ технологија. Според компанијата, станува збор за најобемниот досега регистриран обид на кинеска компанија да ги копира способностите на еден од водечките американски модели за вештачка интелигенција. Anthropic тврди дека лица поврзани со лабораторијата Qwen, која работи во рамките на Alibaba, користеле илјадници лажни кориснички сметки за да добијат пристап до моделот Claude. Целта, според американската компанија, била систематски да се анализираат и реплицираат неговите најнапредни функции, особено оние поврзани со софтверско инженерство и таканареченото агентско расудување, односно способноста на моделот самостојно да планира и извршува сложени задачи. Обвинувањата се содржани во писмо што Anthropic го испратил до повеќе американски сенатори и претставници на Белата куќа. Во документот компанијата предупредува дека ваквите активности претставуваат сериозна закана за интелектуалната сопственост и за технолошката предност на САД во областа на вештачката интелигенција. Од компанијата наведуваат дека, иако нивните производи официјално не се достапни на кинескиот пазар, наводната употреба на голем број лажни сметки овозможила заобиколување на тие ограничувања и прибирање голем обем податоци неопходни за анализа и потенцијално копирање на технологијата. Anthropic смета дека ваквите практики бараат итна реакција од американските институции и повикува на дополнително зајакнување на мерките за заштита на домашните компании кои развиваат напредни ВИ-системи. Компанијата предупредува дека сè поинтензивната глобална трка во развојот на вештачката интелигенција ја зголемува опасноста од индустриска шпионажа и нелегално преземање на технолошки решенија. Обвинувањата доаѓаат во период кога односите меѓу САД и Кина се дополнително оптоварени со ограничувања за извоз на напредни чипови, санкции и засилена конкуренција во технолошкиот сектор. Вештачката интелигенција во меѓувреме стана едно од клучните полиња на глобалното технолошко надмудрување, а водечките компании вложуваат милијарди долари во развој на сè помоќни модели. Засега од Alibaba не се огласија јавно во врска со обвинувањата на Anthropic. Случајот, доколку добие институционален епилог, би можел дополнително да ги заостри односите меѓу американските и кинеските технолошки компании и да отвори нови прашања околу заштитата на интелектуалната сопственост во ерата на вештачката интелигенција. Post navigation Од мијач на садови до милијардер: Како Џек Жанг по десет неуспешни стартапи изгради финтек гигант вреден 11 милијарди долари Три можни иднини за светската економија: „добро“, „лошо“ и најверојатно „грдo“ сценарио