Регионално истражување спроведено од McCann и UM, членки на AMA Group, открива подетален увид во тоа како генерацијата Z ја користи вештачката интелигенција и каква улога таа има во нивното секојдневие, навиките за купување и односот кон брендовите. Студијата, насловена „Tool, Toy or Trojan Horse? Gen Z’s View on AI“, претставува едно од првите пошироки регионални истражувања за оваа генерациска група. Истражувањето опфатило повеќе од 3.300 испитаници на возраст од 16 до 28 години од Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора и Северна Македонија, дополнето со квалитативни фокус групи. Резултатите покажуваат дека вештачката интелигенција веќе не се перцепира како нова технологија, туку како интегриран дел од секојдневниот живот на младите во регионот. Иако употребата е висока, истражувањето укажува дека довербата не е безрезервна. Значителен дел од испитаниците, околу две третини, изјавиле дека наишле на неточни или несоодветни одговори од системите базирани на вештачка интелигенција. Поради тоа, младите корисници најчесто ги проверуваат добиените информации и пристапуваат критички кон препораките, што покажува дека користењето на овие алатки оди рака под рака со претпазливост. Од McCann и UM истакнуваат дека вештачката интелигенција веќе е дел од секојдневните навики на генерацијата Z, но дека клучен фактор останува недовербата во целосна автоматска точност. Според нив, младите очекуваат поголема транспарентност и одговорност од брендовите кои ја користат оваа технологија, а успехот не зависи само од самата иновација, туку и од разбирањето на корисничките потреби. Истражувањето покажува и дека социјалните мрежи остануваат главен канал за откривање нови брендови, при што Instagram и TikTok се највлијателни платформи. Вештачката интелигенција сè уште не претставува примарен извор за прв контакт со бренд, но веќе почнува да влијае врз одлуките за купување. Речиси една третина од испитаниците навеле дека купиле производ врз основа на препорака добиена од алатка со вештачка интелигенција. Особено значаен е податокот поврзан со автентичноста на дигиталната содржина. Повеќе од 60 проценти од младите забележале употреба на вештачка интелигенција во креирање фотографии, видеа или виртуелни инфлуенсери, додека 63 проценти сметаат дека ваквата содржина треба јасно да биде означена кога не е реална. Ова укажува на високо ниво на свесност и чувствителност за транспарентност во дигиталниот простор. Иако генерацијата Z растела во целосно дигитална средина, 62 проценти од испитаниците изјавиле дека сè уште претпочитаат повеќе човечки контакт во секојдневниот живот. Овој став покажува дека младите не ја отфрлаат технологијата, туку очекуваат таа да биде алатка што ги поддржува човечките односи, а не да ги заменува. Истражувањето заклучува дека генерацијата Z пристапува кон вештачката интелигенција со комбинација од практична употреба и критичко размислување, при што довербата, автентичноста и транспарентноста остануваат клучни фактори во односот меѓу младите, технологијата и брендовите. Post navigation Повеќе од половина Американци стравуваат дека вештачката интелигенција ќе им ги загрози работните места Италијанските плажи под нов режим: резервации, такси и казни за „сувенири“ од песок