Beautiful beach with rocks and clear blue sea in Olmeto, Corsica, France.

Италијанскиот остров Сардинија воведува сè построги правила за посетителите на своите најпознати плажи, во обид да ја заштити природата и да го намали притисокот од масовниот туризам. Дел од мерките вклучуваат ограничен број посетители, задолжителни резервации, еколошки такси, па дури и високи казни за прекршување на правилата, кои во некои случаи достигнуваат и до 3.500 евра.

Најстрогите мерки се применуваат на дел од најпознатите локации долж крајбрежјето на островот, кој важи за една од најпосетуваните летни дестинации во Италија. Локалните власти со години се соочуваат со проблеми поврзани со пренатрупаност, оштетување на природната средина и однесување на туристите кое остава долгорочни последици врз екосистемот.

Еден од најпознатите примери е плажата Спјаџа Роса на островот Будели, позната по својот карактеристичен розов песок. Поради штетите предизвикани од туристи кои го носеле песокот како сувенир, пристапот до плажата е забранет уште од 1990-тите години. Денес, посетителите можат да ја гледаат само од далечина, најчесто од брод, а секое прекршување на забраната се казнува.

Според важечките правила, самото одење по оваа плажа може да резултира со казна од најмалку 500 евра, додека одземањето на песокот носи санкции кои достигнуваат и до 3.500 евра.

Во архипелагот Ла Мадалена, пристапот до одредени плажи е строго ограничен, со максимум од 60 посетители дневно. За влез е потребна претходна онлајн резервација, мала такса по лице и задолжително присуство на овластен водич. Сличен модел се применува и на други локации, каде бројот на посетители е строго контролирани за да се зачува природната рамнотежа.

Плажи како Кала Брандинки, Лу Импосту и Кала Мариолу имаат дневни лимити кои се движат од неколку стотици до неколку илјади посетители, во зависност од локацијата, додека за пристап често се наплаќа еколошка такса и се бара резервација преку апликации или специјални платформи.

Во некои делови од островот, како Виласимиус, пристапот на плажа е дополнително регулиран со влезни такси и наплата за паркирање, додека во други зони, како Ла Пелоса, важат правила за однесување на песокот, вклучително и задолжително користење подлоги за крпи за да се спречи негово однесување.

Локалните власти најавуваат и построга контрола и казни на лице место, со цел да се спречи понатамошна деградација на плажите, а дел од мерките веќе се прошируваат и на други популарни туристички дестинации во Италија.

Сардинија на тој начин се приклучува на поширокиот тренд во Европа, каде сè повеќе туристички локации воведуваат ограничувања за да го балансираат туризмот со заштитата на природните ресурси.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *