Технолошките компании денес достигнуваат економска моќ каква што до неодамна беше незамислива дури и за најразвиените држави. Најнов пример е американската компанија Nvidia, чија пазарна вредност во мај достигна 5,7 билиони долари, со што ја надмина германската економија, најголемата во Европа и трета најсилна во светот.

Компанијата, која произведува чипови што се користат во сè – од видеоигри до системи за вештачка интелигенција – во последните години доживеа експлозивен раст благодарение на глобалната AI револуција. Откако во 2025 година стана првата компанија што ја надмина границата од пет билиони долари пазарна капитализација, Nvidia продолжи да расте со темпо што ја постави пред цели национални економии.

Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд, германскиот бруто-домашен производ во 2026 година ќе изнесува околу 5,45 билиони долари, што е помалку од моменталната вредност на Nvidia на берзата. Со тоа американската компанија стана „поголема“ од секоја европска економија, вклучително и Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија.

Сличен тренд се забележува и кај останатите американски технолошки гиганти. Alphabet и Apple исто така имаат пазарна вредност повисока од економиите на повеќето европски земји, додека Microsoft и Amazon ја надминуваат економската моќ на Италија, која е меѓу најголемите економии на континентот.

Комбинираната пазарна вредност на петте најголеми американски компании – Nvidia, Apple, Microsoft, Alphabet и Amazon – денес изнесува повеќе од 20 билиони долари. Тоа е повеќе од вкупниот бруто-домашен производ на петте најголеми европски економии заедно.

Аналитичарите сметаат дека овој раст е директно поврзан со експлозивната побарувачка за технологии поврзани со вештачката интелигенција. Извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, неодамна изјави дека продажбата на компанијата би можела да достигне еден билион долари во следните две години доколку продолжи сегашниот развој на AI секторот.

Во исто време, Европа сè уште нема компанија што може да се спореди со американските технолошки гиганти. Највредната европска компанија во технолошкиот сектор е холандскиот производител на чипови ASML, но неговата вредност е повеќекратно помала од онаа на Nvidia. Меѓу најголемите европски компании се и фармацевтските гиганти Roche и AstraZeneca, но и тие остануваат далеку зад американските лидери.

Сепак, економистите предупредуваат дека пазарната капитализација и бруто-домашниот производ не претставуваат иста категорија. БДП ја мери вкупната вредност на производите и услугите што една економија ги создава во текот на една година, додека пазарната вредност на компаниите ја одразува довербата на инвеститорите во нивниот иден раст и профитабилност.

И покрај тоа, споредбата јасно покажува колку драматично се промени глобалната економска рамнотежа. Компаниите што пред неколку децении беа дел од технолошката индустрија денес имаат финансиска тежина споредлива со најголемите светски економии, а вештачката интелигенција дополнително го забрзува тој процес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *