Кинескиот автомобилски гигант BYD Company води разговори со Stellantis N.V. и со други европски производители за преземање фабрики кои работат со намален капацитет, во рамки на стратегијата за забрзано проширување на европскиот пазар. Информацијата ја потврди потпретседателката на компанијата Stella Li, која изјави дека „БИД“ активно бара производствени капацитети низ Европа, особено во земји како Италија. Според неа, компанијата сака да ја искористи постојната индустриска инфраструктура во регионот за да го засили локалното производство на електрични возила. Разговорите доаѓаат во период кога европските автомобилски производители се соочуваат со високи трошоци, намалена искористеност на фабриките и сè посилна конкуренција од кинеските компании. „Стелантис“ веќе најави подлабока соработка со кинескиот производител Leapmotor, при што две фабрики во Шпанија ќе произведуваат електрични возила за кинескиот партнер. Според „БИД“, идејата е фабриките да бидат управувани директно од компанијата, наместо преку заеднички вложувања, бидејќи таквиот модел се смета за поедноставен и поефикасен. Од раководството потврдија дека веќе посетиле повеќе производствени погони низ Европа, а Италија е меѓу земјите што се разгледуваат како приоритет за потенцијална инвестиција. Во подолгорочна перспектива интерес постои и за Франција, главно поради пониските цени на електричната енергија. Покрај фабриките, компанијата разгледува и можности за преземање европски автомобилски брендови кои се соочуваат со финансиски или пазарни предизвици. Како интересен пример беше посочен луксузниот бренд Maserati, иако засега нема конкретни чекори за евентуално купување. „БИД“ во последните години агресивно го шири своето присуство надвор од Кина, поттикнат од силната конкуренција и ценовната војна на домашниот пазар. Истовремено, растот на цените на горивата и обновениот интерес за електрични автомобили во Европа дополнително ја засилија продажбата на кинескиот производител. Компанијата паралелно работи и на засилување на локалните тимови во Европа, вклучително и ангажирање инженери и експерти од конкуренти како Porsche AG. Новиот премиум бренд „Денза“, кој е дел од групацијата на „БИД“, треба да започне со продажба на британскиот пазар до крајот на годината. Со ваквите потези, кинескиот производител јасно покажува дека има амбиција да стане еден од главните играчи на европскиот автомобилски пазар, користејќи ја слабата искористеност на дел од европските фабрики како можност за побрзо позиционирање во регионот. Post navigation Кризна година за Јагуар Ленд Ровер: добивката речиси избришана Илон Маск ги користи деловните врски за ширење на „Грок“ на Волстрит