Водечките луѓе од глобалната индустрија за вештачка интелигенција предупредуваат дека технолошкиот бум влегува во фаза во која најголем предизвик повеќе не е развојот на софтверот, туку ограничените физички ресурси, енергијата и инфраструктурата потребни за одржување на експлозивниот раст.

На конференцијата на институтот „Милкен“ во Беверли Хилс, директори и експерти од компании кои го покриваат целиот синџир на ВИ-индустријата зборуваа за растечките притисоци врз производството на чипови, недостигот на енергија и можноста сегашниот модел на развој на вештачката интелигенција да не биде одржлив на долг рок.

Извршниот директор на холандскиот гигант АСМЛ, Кристоф Фуке, оцени дека глобалната побарувачка за чипови продолжува драматично да расте, но производствените капацитети не можат доволно брзо да ја следат. Според него, индустријата најмалку во следните неколку години ќе остане ограничена од недостиг на чипови, што значи дека технолошките компании нема да можат да добијат доволно процесори и покрај огромните инвестиции.

Слична проценка изнесе и оперативниот директор на Google Cloud, Франсис деСоуза, кој посочи дека побарувачката за ВИ-инфраструктура достигнува историски размери. Компанијата бележи огромен раст на приходите и нарачките, а бројот на договорени, но сè уште неиспорачани услуги за краток период речиси се удвоил.

Покрај недостигот на чипови, индустријата се соочува и со растечки енергетски проблем. ДеСоуза откри дека „Гугл“ сериозно разгледува можност за изградба на дата-центри во вселената, каде што би имало пристап до поголеми енергетски ресурси. Сепак, таквите проекти носат и нови технички предизвици, особено во однос на ладењето на системите во вселенски услови.

Во дискусијата се отвори и прашањето дали сегашниот пристап кон вештачката интелигенција, кој главно се потпира на огромни јазични модели, има свои ограничувања. Физичарката Ив Боднија, основач на стартапот „Logical Intelligence“, смета дека иднината можеби лежи во сосема поинакви модели кои не учат само преку препознавање на јазични шаблони, туку преку разбирање на логиката и правилата на реалниот свет.

Според неа, ваквите системи би можеле да бидат далеку побрзи и поефикасни, особено во области како роботиката, автономните возила и индустриската автоматизација.

Во меѓувреме, компаниите што развиваат автономни системи предупредуваат дека вистинскиот проблем не е само компјутерската моќ, туку и собирањето реални податоци. Основачот на „Applied Intuition“, Касар Јунис, истакна дека симулациите не можат целосно да го заменат искуството од реалниот свет, особено кога станува збор за автономни возила, дронови и одбранбени технологии.

Експертите предупредија и дека вештачката интелигенција сè повеќе станува геополитичко прашање. Според нив, државите сè потешко прифаќаат клучни системи како автономни возила, роботи или одбранбени технологии да бидат контролирани од странски компании и инфраструктура.

Дополнителен фокус беше ставен и на позицијата на Кина во глобалната ВИ-трка. Иако кинеските компании бележат брз напредок во развојот на софтвер и модели, Фуке смета дека ограничениот пристап до најсовремените технологии за производство на чипови останува сериозна пречка за Пекинг.

На крајот од панелот, учесниците разговараа и за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот и идните генерации. Дел од нив оценија дека одредени професии ќе исчезнат, но истовремено ќе се отворат нови можности за креативност, иновации и развој на технологии што би можеле да помогнат во решавање на глобални проблеми, од здравство до енергетика и климатски промени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *