sneakers, converse, converse all star, all star, sports shoes, shoes, converse, converse, converse, converse, converse

Converse се соочува со еден од најтешките периоди во својата понова историја, откако компанијата бележи најслаби квартални продажби во последната деценија и спроведува намалување на трошоците и работната сила. И покрај сериозните предизвици, раководството уверува дека брендот има јасна стратегија за враќање на растот и зајакнување на позицијата на пазарот.

Главниот извршен директор на Converse, Арон Кејн, на интерен состанок со вработените изразил уверување дека компанијата ќе успее побрзо отколку што многумина очекуваат. Според него, идниот фокус ќе биде ставен на помал број производи и враќање кон моделите што ја изградиле препознатливоста на брендот, пред сè легендарните Chuck Taylor и Jack Purcell.

Converse, кој е во сопственост на Nike, во последните години се соочува со пад на популарноста на своите најпознати модели, додека новите линии не успеаја да привлечат доволно интерес кај потрошувачите. Поради тоа, брендот станува сè поголем предизвик за раководството на Nike, кое веќе се соочува со забавување на продажбата и намалување на трошоците на глобално ниво.

Во јавноста се појавија и шпекулации дека Nike би можел да размислува за продажба на Converse, особено откако компанијата Authentic Brands Group покажала интерес за евентуално преземање. Сепак, од Nike досега повеќепати истакнаа дека остануваат посветени на развојот на брендот.

Како дел од новата стратегија, Converse планира поголемо присуство во клучни светски градови како Њујорк, Лос Анџелес, Лондон, Париз, Шангај и Сеул, со цел повторно да ја зацврсти врската со урбаната и креативната публика. Од компанијата веруваат дека токму модната и креативната сцена може да одигра важна улога во враќањето на брендот меѓу помладите потрошувачи.

Паралелно со тоа, Nike во последниот квартал значително ги намали трошоците за маркетинг и промоција, а според информации од внатрешноста на компанијата, дел од бенефициите за вработените исто така биле укинати како дел од пошироките мерки за штедење.

И покрај тешката ситуација, раководството на Converse останува оптимистично дека брендот може повторно да стане релевантен на пазарот преку враќање кон своето наследство, поедноставување на понудата и посилен фокус на клучните глобални пазари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *