Цената на златото благо порасна откако инвеститорите повторно покажаа интерес по падот предизвикан од ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток. Геополитичката нестабилност, која во почетокот ја оттурна вредноста на благородниот метал, повторно го врати вниманието кон него како сигурно засолниште, па златото се доближи до нивото од околу 4.550 долари за унца. Новиот бран насилство ја наруши кревката рамнотежа воспоставена со прекинот на огнот меѓу САД и Иран, зголемувајќи ги стравувањата од продолжен конфликт. Американската војска соопшти дека одбила напади додека обезбедувала премин на бродови низ Ормутскиот Теснец, додека ОАЕ пријави пресретнување на ракети и напад со дрон врз нафтен терминал во Фуџајра. Паралелно со растот на тензиите, цените на нафтата нагло скокнаа, што дополнително ги зголеми инфлаторните притисоци. Овој тренд ги поттикна инвеститорите да очекуваат дека Федералнире Резерви би можела повторно да ги зголеми каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата. Ваквите очекувања традиционално имаат негативно влијание врз златото, бидејќи повисоките камати ја намалуваат атрактивноста на средствата кои не носат принос. И покрај тоа, дел од аналитичарите сметаат дека златото ќе задржи релативна стабилност доколку монетарната политика се насочи кон евентуално олеснување во иднина. Според нив, дури и во случај на дополнителен пад, цената би можела да најде поддршка околу нивото од 4.000 долари за унца. Во исто време, вниманието на пазарите е насочено кон економските сигнали од САД, вклучително и плановите за задолжување на Министерството за финансии и серијата макроекономски показатели кои треба да дадат појасна слика за идната насока на каматните стапки. Нафтениот пазар, пак, останува под силно влијание на случувањата во Персискиот Залив. Иако цените на суровата нафта благо се стабилизираа по силниот раст, неизвесноста околу безбедноста на транспортот низ Ормускиот теснец продолжува да создава притисок. Овој стратешки воден пат, низ кој поминува значителен дел од светската нафта, во моментов е практично блокиран, што доведе до пренасочување на бродовите и дополнително нарушување на глобалните синџири на снабдување. Аналитичарите предупредуваат дека секое понатамошно влошување на конфликтот би можело значително да ги зголеми цените на енергенсите, со што би се засилиле инфлаторните ризици и би се закочил економскиот раст. Во вакви услови, глобалните пазари остануваат чувствителни на секоја нова информација од регионот, додека инвеститорите се обидуваат да ги балансираат ризиците меѓу геополитиката и монетарната политика. Post navigation Apple бара нови партнери за производство на чипови поради недостигот Шефот на Nvidia-Вештачката интелигенција ќе создава, а не да уништува работни места