Робот од Sony победи професионалци во пинг-понг – нов чекор за вештачката интелигенција
Истражувачите од Sony AI развија робот за пинг-понг кој покажува ниво на брзина и прецизност доволно за да им парира, па дури и да победи дел од искусните играчи, отворајќи ново поглавје во натпреварот меѓу човекот и вештачката интелигенција.
Роботот, наречен „Ace“, претставува комбинација од напредни визуелни сензори, алгоритми за учење без претходно моделирање и високобрзински механички систем. Конструиран како роботска рака со рекет, системот може самостојно да ја следи топчето во простор, да пресмета како најдобро да одговори на ударот и да ја врати топката на спротивната страна, повторувајќи ја постапката во реално време без човечка интервенција.
Тимот го тестирал роботот против повеќе високо рангирани играчи со долгогодишно искуство. Иако Ace немал претходни информации за стилот на игра на противниците, успеал да добие седум од вкупно тринаесет одиграни натпревари против елитни играчи. Во дуели со професионалци од официјални лиги, резултатот бил поскромен, со една победа во седум натпревари, но сепак доволен за да се покаже напредокот во оваа област.
Пинг-понгот се смета за особено предизвикувачка дисциплина за развој на вакви системи, бидејќи бара исклучителна координација, брзи реакции и прецизни одлуки во дел од секунда. Досегашните обиди за создавање роботи кои можат да играат пинг-понг најчесто останувале на аматерско ниво, додека новото истражување, објавено во Nature, за првпат покажува конкурентност со искусни човечки играчи.
Развојот на вакви роботи е дел од пошироката амбиција на научниците да создадат системи способни за интеракција со луѓето во динамични и непредвидливи услови. Во последно време, ваквите напори се интензивираат, при што се развиваат и хуманоидни роботи способни за физички активности и задачи во реалниот свет.
Според водечките истражувачи, ваквите резултати демонстрираат дека вештачката интелигенција може успешно да перципира, анализира и реагира во сложени ситуации кои бараат брзина и точност. Тоа отвора можности за примена на слични технологии во различни области, од индустрија и логистика до здравство и услужни дејности, каде што прецизната и брза интеракција со околината е од клучно значење.