Roblox воведува нови типови кориснички профили наменети за деца и тинејџери, како дел од обидите да ја засили безбедноста и да одговори на сè поголемиот глобален притисок за регулирање на дигиталните платформи.

Компанијата најави дека ќе воведе „Roblox Kids“ и „Roblox Select“ сметки, кои ќе користат технологии за проверка на возраста и родителска контрола, со цел да се ограничи пристапот на малолетните корисници до несоодветни содржини. Системот ќе ги распределува корисниците според нивната возраст, а целосната имплементација се очекува во јуни.

Според најавите, децата на возраст од пет до осум години ќе користат профили со најстроги ограничувања, со пристап само до игри со минимална или блага содржина. За оваа група, комуникациските функции ќе бидат исклучени по дифолт, а ќе бидат исклучени и содржини како слободно цртање, чувствителни теми или виртуелни социјални простори.

За корисниците од девет до 15 години ќе биде достапна проширена верзија со поголем избор на игри и контролирани комуникациски опции. Секој корисник кој нема да ја потврди својата возраст ќе има пристап само до најограничената верзија на платформата.

Овој потег доаѓа во време кога Roblox се соочува со зголемени критики за безбедноста на младите корисници. Платформата, која овозможува милиони игри создадени од корисници и интеракција меѓу нив, веќе извесен период е под лупа поради случаи на злоупотреба и тужби поврзани со недоволна заштита на децата. Неодамнешен случај во Велика Британија, каде возрасен маж беше осуден за злоупотреба на малолетничка запознаена преку платформата, дополнително ги засили загриженостите.

Истовремено, владите ширум светот сè повеќе размислуваат за ограничување на пристапот на младите до дигитални услуги, по примерот на построгите мерки воведени во Австралија за социјалните мрежи. Се отвора и прашањето дали ваквите регулативи треба да ги опфатат и гејминг платформите.

Од компанијата сметаат дека воведувањето на возрастни категории и дополнителни проверки ќе придонесе за побезбедна и поконтролирана средина. Воедно, креаторите на игри кои се наменети за деца ќе треба да поминат дополнителни проверки на идентитет.

Roblox на крајот на 2025 година имаше околу 144 милиони дневни корисници и приход од 1,4 милијарди долари во последниот квартал. Значителен дел од корисниците се деца, што дополнително ја нагласува важноста на мерките за безбедност и контрола на содржините.

Со новите правила, компанијата се обидува да го зачува растот, но и да ја врати довербата кај јавноста и регулаторите во период на засилени притисоци врз дигиталните платформи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *