Јужнокорејскиот стартап за вештачка интелигенција Upstage води разговори со американскиот производител на чипови AMD за набавка на 10.000 напредни AI акцелератори, во обид да го зајакне домашниот капацитет за големи пресметковни операции и да ја засили својата позиција во глобалната технолошка трка. Извршниот директор на компанијата, Сунг Ким, потврди дека темата за потенцијалната набавка била дел од неговите разговори со првиот човек на AMD, Лиса Су, за време на нивната средба во Сеул минатата недела. Тој истакна дека Јужна Кореја во моментов во голема мера се потпира на технологијата на Nvidia, но дека компаниите сè повеќе бараат диверзификација преку вклучување и на други добавувачи, меѓу кои и AMD. Upstage е еден од четирите тимови што учествуваат во национална иницијатива поддржана од државата, насочена кон развој на врвни модели на вештачка интелигенција. Оваа иницијатива, популарно наречена „AI Squid Game“, има за цел да го забрза технолошкиот напредок на земјата и да ја позиционира Јужна Кореја меѓу водечките сили во областа на AI. Во рамките на процесот, моделите се оценуваат на секои шест месеци, а најдобрите ќе бидат избрани до почетокот на следната година. Компанијата моментално работи на развој на напреден јазичен модел со околу 200 милијарди параметри, кој треба да биде подготвен за следната фаза на оценување во текот на летото. Стратегијата на Upstage се базира на комбинирање на високи перформанси со оптимизирани трошоци, со што се обидува да конкурира на се поагресивните и поевтини решенија што доаѓаат од Кина. Покрај домашниот пазар, стартапот гледа можности и на меѓународно ниво, особено во земји како Виетнам и Обединетите Арапски Емирати. Фокусот е ставен на развој на таканаречени суверени AI системи, кои овозможуваат технологијата да се имплементира и користи внатре во границите на одредена држава, без зависност од странска инфраструктура. Овие потези укажуваат дека конкуренцијата во глобалната AI индустрија станува сè поинтензивна, при што компаниите не само што се натпреваруваат во квалитетот на моделите, туку и во пристапот до клучните ресурси како што се напредните чипови и пресметковната моќ. Post navigation Европските берзи во пад поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток Зошто Генерација Z копнее по живот што никогаш не го доживеа?