Xiaomi со силен пресврт: инвеститорите реагираат на AI и електричните автомобили
Акциите на кинеската технолошка компанија Xiaomi забележаа значителен раст во четвртокот, поттикнати од најавата за нови модели на автомобили базирани на вештачка интелигенција и претстојното претставување на освежена верзија од електричниот автомобил SU7.
Компанијата котирана во Хонг Конг оствари пораст од речиси шест проценти, издвојувајќи се како најдобар перформер на индексот Hang Seng Tech, кој во исто време беше во пад под влијание на разочарувачките финансиски резултати на Tencent и зголемените геополитички тензии поврзани со конфликтот со Иран. Овој раст доаѓа по период на силен пад на вредноста на акциите, кога инвеститорите беа загрижени дека поскапувањето на мемориските чипови ќе ја намали профитабилноста на компанијата.
Новиот бран оптимизам е поврзан со засилените инвестиции на Xiaomi во вештачка интелигенција. Компанијата претстави нови модели, меѓу кои и MiMo V2 Pro, систем развиен за апликации базирани на автономни агенти. Паралелно, веќе е во тек тестирање на AI агент наменет за мобилни уреди, што укажува на амбициите на компанијата да заземе посилна позиција во брзорастечкиот сегмент на напредни AI решенија.
Извршниот директор Леј Џун најави дека Xiaomi ќе вложи повеќе од 16 милијарди јуани во истражување и развој на вештачка интелигенција во 2026 година, сигнализирајќи долгорочна стратегија насочена кон технолошка независност и иновации. Аналитичарите оценуваат дека ваквите вложувања може краткорочно да влијаат врз профитот, но истовремено ја зајакнуваат позицијата на компанијата како сериозен играч во развојот на сопствени технолошки платформи.
Покрај AI сегментот, Xiaomi продолжува да го гради и своето присуство на пазарот на електрични возила. Во Пекинг се очекува претставување на надградена верзија на седанот SU7, со подобрувања во хардверот и безбедносните системи, со цел да се задржи конкурентноста во се позаситениот пазар. Автомобилскиот бизнис сè повеќе се наметнува како клучен двигател на раст, особено во услови кога глобалниот пазар на паметни телефони се соочува со притисоци од зголемените трошоци за компоненти.
Во меѓувреме, наглиот раст на акциите создава притисок врз инвеститорите кои играа на пад на вредноста. Кратките позиции во Xiaomi значително се зголемија во последните месеци, што укажува на претходниот скептицизам на пазарот, но актуелниот тренд може да ги натера тие инвеститори да ги преиспитаат своите стратегии.