Златото стабилно над 5.000 долари додека инвеститорите чекаат сигнали од ФЕД
Цената на златото се движеше во тесен опсег, додека инвеститорите внимателно ги проценуваат следните чекори на американската централна банка, но и растечките инфлаторни ризици предизвикани од ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
Благородниот метал се задржа околу нивото од 5.000 долари за унца, без значителни промени во однос на претходната сесија. Пазарите очекуваат Федералните резерви да ги задржат каматните стапки непроменети на претстојниот состанок, но фокусот е насочен кон сигналите што ќе ги испратат креаторите на монетарната политика, особено во контекст на растечките цени на енергенсите и забавувањето на пазарот на труд.
Во меѓувреме, цените на нафтата бележат пад откако Ирак постигна договор за обновување на извозот преку Турција, со што се намалува притисокот врз клучниот поморски коридор низ Ормускиот теснец.
Геополитичките тензии, сепак, остануваат високи. САД и Израел продолжија со воените активности, додека Иран потврди дека е убиен високиот безбедносен функционер Али Лариџани. Како одговор, Техеран изврши нови напади со ракети и дронови врз цели во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Кувајт. Поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец и понатаму е сериозно нарушен.
Овие случувања дополнително ги зголемуваат стравувањата од нарушувања во снабдувањето со енергија, што пак врши притисок врз инфлацијата. Во такви услови, се намалуваат очекувањата за брзо намалување на каматните стапки од страна на централните банки. Повисоките каматни стапки традиционално претставуваат негативен фактор за златото, бидејќи металот не носи каматен принос.
И покрај тоа што растот на цената на златото во последниот период забави, металот сепак бележи значителен пораст од околу 16 проценти од почетокот на годината. Геополитичката неизвесност и загриженоста околу независноста на монетарната политика продолжуваат да ја поддржуваат побарувачката за сигурни инвестиции.
Дополнително, растечките стравувања од стагфлација, односно комбинација од слаб економски раст и висока инфлација, може долгорочно да ја зајакнат позицијата на златото како алтернативно средство за зачувување на вредноста.
Во текот на тргувањето во Азија, цената на златото благо се зголеми, додека среброто забележа посилен раст. За разлика од нив, платината и паладиумот се најдоа под притисок. Во исто време, доларот ослабе, што дополнително влијаеше врз движењата на пазарите на благородни метали.