Катар ја прекина производството на течен природен гас во својата најголема извозна постројка Рас Лафан, откако објектот бил цел на напад со ирански дронови. Станува збор за капацитет што обезбедува околу една петтина од глобалната понуда на ЛНГ, па ваквиот потег веднаш предизвика силни потреси на светските енергетски пазари. Европските берзански цени на гасот скокнаа за повеќе од 50 проценти, што е најголем дневен раст од енергетската криза во 2022 година.

Прекинот доаѓа во чувствителен момент за Европа, каде што складиштата се пониско пополнети од вообичаено, а во текот на летото треба да се обезбедат дополнителни количини за следната зима. Иако најголем дел од катарскиот ЛНГ завршува во Азија, секое нарушување на испораките ја зголемува конкуренцијата за алтернативни извори и ги турка цените нагоре и на европскиот пазар. Холандските фјучерси, кои служат како референтна вредност во Европа, достигнаа највисоко ниво во последната година.

Дополнителна неизвесност создава и ситуацијата во Ормускиот Теснец, преку кој поминува околу 20 проценти од светската трговија со ЛНГ. Сообраќајот на танкери е значително намален, што може да предизвика логистички тесни грла и дополнителен притисок врз складиштата. Катарската компанија прогласила виша сила во однос на договорните обврски за испорака, а засега нема официјални информации за физичка штета на самата постројка.

Аналитичарите предупредуваат дека клучното прашање е колку долго ќе трае прекинот. Доколку блокадата на Ормускиот Теснец потрае подолг период, цените на гасот во Европа би можеле дополнително драматично да пораснат. Иако САД би можеле да го зголемат извозот на ЛНГ, во краток рок тоа тешко дека целосно ќе ја надомести загубата на катарските количини.

Конфликтот на Блискиот Исток дополнително се продлабочува, со извештаи за напади и пресретнувања на ракети во повеќе земји од регионот. Сето тоа ја зголемува загриженоста за стабилноста на глобалното снабдување со енергенси и ја става енергетската безбедност повторно во центарот на вниманието.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *