Alphabet најави нов бран инвестиции во Индија, вклучително и изградба на нови оптички линии што ќе ја поврзат земјата со САД и други региони од јужната хемисфера, како дел од пошироката стратегија за јакнење на дигиталната и ВИ-инфраструктурата.

Главниот извршен директор Sundar Pichai ги претстави плановите на високопрофилен самит за вештачка интелигенција во Њу Делхи, каде што премиерот Narendra Modi ја промовира амбицијата Индија да стане глобален лидер во оваа област. Пичаи е меѓу бројните технолошки лидери кои ја поддржуваат оваа иницијатива.

Новата програма, наречена „America-India Connect“, предвидува поставување дополнителни подморски и копнени оптички кабли со цел да се подобри брзината и сигурноста на интернет-конекцијата меѓу Индија и остатокот од светот. Компанијата веќе инвестира во подморска инфраструктура во Пацификот, Африка и околу Австралија.

Паралелно, Google потврди дека продолжува со реализација на најавената инвестиција од околу 15 милијарди долари за изградба на центар за ВИ-инфраструктура во јужна Индија во следните пет години — најголем поединечен проект на компанијата во оваа брзорастечка економија. На глобално ниво, Alphabet годинава планира капитални расходи до 185 милијарди долари, што ја нагласува агресивната експанзија во областа на вештачката интелигенција.

Како дел од новите активности, фондацијата Google.org ќе одвои 30 милиони долари за подобрување на јавните услуги преку примена на ВИ, како и дополнителни 30 милиони долари за поддршка на научници кои користат вештачка интелигенција за истражувачки пробиви. Истражувачката лабораторија Google DeepMind воспоставува и ново партнерство со индиската влада и локални институции за проширување на примената на своите напредни модели за наука.

Индија во последните години станува клучна дестинација за водечките американски ВИ-компании, кои ја препознаваат како извор на технички кадар и како еден од најголемите потенцијални пазари во светот. Во тој контекст, Anthropic неодамна назначи раководител за своите операции во земјата, додека Google веќе минатата година го отвори својот најголем кампус во Бангалор, дополнително зацврстувајќи го своето присуство на индискиот пазар.

Со овие потези, Alphabet јасно сигнализира дека Индија има централна улога во нејзината глобална стратегија за развој и примена на вештачката интелигенција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *