Холандската технолошка групација „Филипс“ соопшти дека во текот на минатата година остварила профит од 897 милиони евра, со што повторно се вратила во позитивно работење по неколку тешки години. Ова е првпат компанијата да биде „во црно“ од 2021 година наваму, откако претходно забележа значителна загуба од 698 милиони евра. Подобриот резултат се должи на растот на приходите и зголемената оперативна ефикасност, и тоа во услови на предизвикувачка меѓународна трговска средина, вклучително и дополнителните американски царини.

Вкупните приходи на „Филипс“ во изминатата година достигнаа 17,8 милијарди евра, при што особено се издвојува силниот раст во сегментот на производи за лична нега, кој беше еден од главните двигатели на продажбата. Како што пренесува „НЛ Тајмс“, компанијата успеала да ја одржи стабилноста на пласманот и на американскиот пазар, и покрај зголемените увозни давачки.

Дополнителен позитивен ефект врз резултатите имале и строгите мерки за штедење, како и значителното намалување на трошоците поврзани со повлекувањето и решавањето на проблемите со уредите за апнеја при спиење. Овие чекори придонеле за подобрување на профитабилноста и за зајакнување на финансиската позиција на компанијата, која сега гледа посигурно кон наредниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *