Европската Унија одлучи да направи чекор назад во воведувањето на дигиталниот систем за евиденција на патници, откако стана јасно дека инфраструктурата на голем дел од граничните премини не е подготвена за целосна примена. Целосната имплементација на системот за влез и излез, познат како EES, која првично беше планирана за април 2026 година, сега официјално е поместена за септември истата година. Одлуката е донесена по проценките дека воведување на нови правила во екот на летната туристичка сезона би можело да предизвика хаос на европските граници, особено на аеродромите и фреквентните копнени премини.

Иако EES формално започна со ограничена примена уште во октомври 2025 година, првичните искуства покажаа дека системот далеку од функционира без проблеми. Патниците на повеќе европски аеродроми и пристаништа се соочија со неочекувано долги редици, пропуштени летови и сериозни доцнења, главно поради новата обврска за регистрирање биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографии. Процесот, кој требаше да ја забрза и модернизира контролата, во пракса значително го продолжи времето потребно за обработка на секој патник.

Податоците на здружението ACI Europe укажуваат дека на некои аеродроми времето за гранична контрола се зголемило и до 70 проценти во споредба со претходниот систем. Во одредени периоди, особено во денови со зголемен број летови, патниците чекале и по неколку часа за да поминат пасошка контрола. Најдраматичен пример беше забележан на аеродромот во Лисабон, каде во декември надлежните беа принудени привремено да го суспендираат системот откако редиците достигнаа и до седум часа чекање, што предизвика сериозни нарушувања во авиосообраќајот.

Овие проблеми ја натераа Европската комисија да преиспита дали земјите-членки се подготвени за целосна транзиција кон новиот систем. Од Брисел посочуваат дека одложувањето ќе им овозможи на државите дополнително време за технички прилагодувања, обука на персоналот и подобрување на инфраструктурата, со цел да се избегнат масовни застои кога бројот на патници е најголем. Во меѓувреме, постојниот систем останува на сила, што значи дека патниците и натаму ќе добиваат класични печати во пасошите при влез и излез од Шенген-зоната.

EES е замислен како клучен дел од напорите на ЕУ за подобра контрола на надворешните граници и борба против злоупотребите на престојот, преку автоматска евиденција на времето поминато во Унијата. Сепак, првичните тешкотии покажуваат дека дигитализацијата на граничните процеси е посложена отколку што се очекуваше и дека без соодветна подготовка може да создаде повеќе проблеми отколку решенија.

Со поместувањето на рокот за септември 2026 година, европските институции испраќаат сигнал дека стабилноста и функционалноста ќе имаат предност пред брзината на имплементација. Останува да се види дали дополнителното време ќе биде доволно за да се надминат техничките и организациските слабости и дали новиот систем конечно ќе ги исполни ветувањата за побрз и поефикасен проток на патници низ европските граници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *