Богатството на американскиот претседател Доналд Трамп забележа силен раст во првата година од неговиот втор мандат, зголемувајќи се за приближно 2,7 милијарди долари, покажуваат најновите проценки на економското списание „Форбс“. Според нивната анализа, на 20 јануари – датумот кога се заокружи првата година од новиот мандат – вкупната нето-вредност на Трамп достигнала околу 6,6 милијарди долари, наспроти 3,9 милијарди долари колку што изнесувала на крајот од 2024 година. Само една година претходно, пред стартот на изборната кампања, неговото богатство било проценето на околу 2,6 милијарди долари, што укажува на исклучително брза акумулација на капитал во краток временски период.

„Форбс“ нагласува дека не е променета само големината, туку и структурата на богатството на американскиот претседател. Додека со децении основата на неговата деловна империја се темелеше на недвижности, терени за голф, луксузни одморалишта и лиценцирање на брендот „Трамп“, во последните години сè поголема улога имаат дигиталните и финансиските инструменти. Особено се издвојуваат криптовалутите и уделот во јавно тргуваната „Trump Media & Technology Group“ (TMTG), матичната компанија на социјалната мрежа „Truth Social“, која значително придонесе за растот на неговата лична вредност.

И покрај силниот подем, вредноста на имотот на Трамп во последните месеци бележи умерени осцилации, пред сè поради нестабилноста на крипто-пазарите. Во септември минатата година „Форбс“ ја процени неговата нето-вредност на повеќе од 7 милијарди долари. Непосредно пред повторно да ја преземе функцијата, Трамп ја лансираше и сопствената криптовалута, мемекоин позната како „$Trump“, од која, според проценките, би можел да има заработено стотици милиони долари. Дополнително, тој и неговите синови поседуваат удел и во крипто-платформата „World Liberty Financial“, што уште повеќе ја зголемува изложеноста на семејниот капитал кон дигиталните финансии.

Истовремено, растот на богатството отвори и сериозни прашања околу можен судир на интереси. „Форбс“ потсетува дека, за разлика од повеќето претходни американски претседатели, Трамп не ги префрли своите средства во т.н. „слеп фонд“, туку управувањето со компаниите го задржа во рамките на семејството, главно преку своите синови. Во меѓувреме, „Организацијата Трамп“ склучувала нови договори во земји како Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, токму во период кога тие држави паралелно преговарале со американската администрација за трговски аранжмани и договори за продажба на оружје.

Критичарите сметаат дека ваквата поставеност ја замаглува границата меѓу јавната функција и приватниот бизнис. Американскиот бизнис новинар Али Велши дури коментираше дека во рангирањето на „Форбс“ изворот на богатството на Трамп повеќе не би требало да се води како „недвижности“, туку како „претседателство“, алудирајќи на тоа дека политичката позиција станала значаен генератор на профит, пренесува германската телевизија НТВ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *